Данокот на додадена вредност за увоз на моторни возила би можел да се намали од 18 на под 5 отсто, но само на одреден период. Ова денеска го потврдија од владата откако вчера во интервју за Економски магазин на Алсат го најави и министерот за економија Крешник Бектеши. Пред да се донесе конечната одлука, од „Илинденска број 2“ велат дека ќе следуваат јавни расправи со сите засегнати страни, се со цел да се утврди како мерката ќе се одрази на државната каса. Неофицијално дознаваме дека поголемиот дел од членовите на владата се за времено намалување на ДДВ-то на увоз на половни и нови автомобили, а не за мерката за субвенционирање при купувањето автомобил.

Влада:

Мерката која во моментов се разгледува, но сѐ уште не е донесена, предвидува ДДВ на моторни возила од 18% на под 5% да се намали во период од 6 до 12 месеци и да започне да се применува од почетокот на следната година.

Министерот за економија вчера за Алсат информираше дека планот Б или опцијата да се намали ДДВ-то за увоз на половни и нови автомобиле се договара во владата се со цел да се отстрани опасноста дел од граѓаните кои би аплицирале за државна помош за купување возило да останат со празни раце во случај кога би се потрошил одредениот фонд за субвенционирање.

„Не е напуштена идејата за три илјади евра, паралелно работиме на фискалните импликации, но работиме и на тоа на колку граѓани може да помогнеме со првата и колку со втората мерка. Првичните информации кои нас ни доаѓаат се дека е подобро да одиме со втората мерка бидејќи така ќе им овозможиме на сите заинтересирани граѓани да увезуваат нови автомобили“, рече министерот Бектеши.

Во првичната верзија на измените на Законот за возила се планираше, старото возило да се остави во овластен отпад за автомобили, потоа предаденото возило да се одјави во МВР и таму да се предаде сообраќајната книшка. Дури потоа заинтересираниот граѓанин би требало да купи возило со еуро пет стандардот, но за цена до 12 илјади евра. Потоа со сите документи да аплицира во Министерството за економија и да чека државата да му врати три илјади евра.

Иле Петревски

Loading...

Shpërndaj me

Loading...