Поголема контрола и санкции за оние кои нема да ги почитуваат правилата предвидува новиот Закон за јавни набавки. Главната промена во однос на старото законско решение е тоа што контролата на тендерите ќе ја врши Бирото за јавни набавки, Ќе се чешлаат постапки кои што се во тек, но и по слободен или случаен избор.

Во Законот се воведени антикорупциски правила, а промени има и кај критериумот за добивање тендер, вели за Алсат Герман Филков кој со години го следи процесот на јавните набавки во земјава.

„Критериумот за избор на најдобра понуда е променет од најниска цена во економски најповолна понуда, но тоа повторно ја вклучува и цената, но договорните органи може зависно од предметот на набавка и потребите, да утврдат и други критериуми како трошоците или односот помеѓу цената и квалитетот. Ако купуваме хартија за печатење нормално цената ќе ни биде критериум, но ако купуваме храна за деца во градинка, ќе мора да се внесат и други критериуми за квалитет“, рече Герман Филков, Центар за граѓански комуникации.

Новиот Закон  треба да ја зацврсти фазата на планирање на јавните набавки, односно утврдување на потребите или објаснување зошто е потребна набавката за која државната институција планира да потроши народни пари. Но, како главен предизвик според Филков, останува изработката на подзаконските акти, кои мора навремено да се донесат и да бидат детални и прецизни, а не различно да се толкуваат.

„Со избор на добра Антикорупциска комисија, со воведување на контрола од страна на Бирото за јавни набавки, со доследно почитување на сменетите правила во самиот Закон, на договорните органи сега ќе им биде полесно да купат тоа што им треба, меѓутоа потешко ќе го остварат бидејќи сега Законот бара малку поголема концентрација и во целиот процес на јавни набавки“, додава Филков.

Новиот закон за јавни набавки Собранието го усвои пред неколку дена. На сила треба да стапи од април годинава. Земјава имаше обврска новиот Закон за јавни набавки да го приспособи со стандардите на Европската Унија, а тоа значи рационално трошење на државните пари, слободна и фер конкуренција и транспарентност.

Иле Петревски

Loading...

Shpërndaj me