Веганската исхрана стана избор на многумина како здрава алтернатива на западниот начин на исхрана кој е богат со шеќери и маснотии. Меѓутоа едно истражување покажува дека исхраната што се базира исклучиво на растителна храна, ги оневозможува веганите да внесат многу од потребните хранливи материи.

Во новиот документ од Германското нутриционистичко здружение се вели дека преку веганската исхрана не можат да се обезбедат потребните витамини и хранливи материи што му се потребни на телото за да функционира правилно. Ова особено се однесува на витаминот Б-12 кој се наоѓа во јајцата и омега-3 масните киселини кои ги содржат масните риби.

„Со слаба исхрана само на база на растенија е многу тешко, дури и невозможно да се добие потребното количество од некои хранливи материи“, се вели во студијата и им се советува на веганите редовно да посетуваат доктор и да се советуваат со нутриционист, со цел да не останат без виталните хранливи материи..

Иако е тешко за веганите да ги обезбедат овие хранливи продукти преку исхрана која воопшто не содржи продукти од животинско потекло, тоа не невозможно. На пример, Б-12, кој се наоѓа само во животните и игра важна улога во формирањето на крвните клетки и работата на мозокот, често пати се додава во производите кои не се од животинско потекло, како што се житарките. Веганите исто така можат да земаат и витамински суплементи за да ги надополнат оние витамини кои не ги добиваат преку својата исхрана. Покрај тоа, другите хранливи материи кои ги има во храната од животинско потекло, како омега-3 масните киселини можат да се најдат и во некои растителни продукти како што е лененото семе.

„Со малку планирање и знаење, бидете сигурни дека ќе обезбедите се што ви е потребно од веганската исхрана за да имате добро здравје … на било која возраст“ – вели за „NPR“ Џими Пирсон, портпарол на Веганската асоцијација, со седиште во Англија.

За жал, кај оние кои строго се придржуваат кон веганската исхрана, лошото планирање може да има сериозни последици. На пример, претходно годинава, едно машко дете во Италија беше итно пренесено во болница заради екстремна неухранетост, после строга веганска исхрана, што довело до загрозувачко ниско ниво на калциум и неправилности во работата на срцето. Иако детето било старо една година, тежело колку три месечно бебе и имало калциум на најниско ниво потребно да преживее – известуваа медиумите.

Извор: енаука.мк

Shpërndaj me