Шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас ќе дојде во Скопје на 22 и 23 март, пишува грчкиот весник Та Неа. Иако официјално не е потврдено ниту во Скопје ни во Атина, според Та Неа, станува збор за важна посета бидејќи на неа ќе се дискутирало за предлозите на двете страни за постигнување на меѓународен договор. Во фокусот се очекува да бидат евентуални измени во Уставот на државава и за начинот како да се спроведе договорот со цел да и се овозможи на земјава да добие покана за НАТО и да добие датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ.

Никос Коѕијас на 23 март ќе се сретне со неговиот колега Никола Димитров, а претходната вечер ќе имаат заедничка вечера. Не се исклучува можноста министерот за надворешни работи на соседната земја да има средби и со други политичари, но програмата сè уште се формулира. Исходот од разговорите во Скопје ќе биде важен во пресрет на следниот планиран состанок на Коѕијас и Димитров со специјалниот претставник на ОН Метју Нимиц“, пишува „Та Неа“

Грчкиот претседател Прокопис Павлопулос, во серијата изјави за спорот со името повторува дека Скопје најпрво треба да ги усвои уставните измени а потоа да се потпише договор меѓу двете земји.

Пред да стапи во сила договорот и пред да се комплетира содржината, потребно е да се направи ревизија на уставот на нашата соседна земја,бидејќи ние европејците, кои го имаме овој европски демократски менталитет, не може да мислиме дека една земја потпишува меѓународен договор, се обврзува меѓународно, прекршувајќи го својот устав и велејќи дека измената не е толку важна”, изјави Прокопис Павлопулос, Претседател на Грција

Во меѓувреме, весникот Ифимерида пишува дека решавањето на спорот се очекува да се случи по Велигден кога грчката Влада уште посериозно ќе му се посветела на прашањето. Но, весникот отвора и дилеми за иднината на актуелната владина коалиција на Ципрас. Имено, партијата Независни Грци на Панос Каменос веќе отворено пресече дека нема да гласа за можно решение кое ќе го вклучува терминот “Македонија”. Според Ифимерида постои веројатност партијата Потами предводена од Ставрос Теодоракис да биде нов коалиционен партнер на Ципрас затоа што Теодоракис неколку пати потврди дека ги поддржува ставовите на Владата во однос на името.

Анеса Салиу

Shpërndaj me