Лидерот на грчката опозиција, Киријакос Мицототакис, го повика претседателот Прокопис Павлопулос да интервенира договорот постигнат меѓу Заев и Ципрас, пред потпишувањето, да помине во грчкиот Парламент за да се утврди дали мнозинството верува во договорот. Во меѓувреме, портпаролот на грчката влада оцени дека договорот е политичка победа, бидејќи според него, решено е важно прашање кое ја засегало земјата, но и Балканот цели 30 години.

„Убеден сум дека со време и оние кои не се согласуваат и се противат, ќе сфатат дека ова е неопходен политички и дипломатски компромис, а покрај тоа што е компромис, целосно ги гарантира и ги штити интересите на нашата земја“, изјави Димитрис Ѕанакопулос, портпарол на грчката Влада.

Договорот го поздравија американскиот Стејт Департмент и Советот на Европа.

Стејт Департмент на САД:

„САД им честитаат на премиерите на Македонија и на Грција и го поздравуваат историскиот договор. Решението ќе биде за доброто на двете земји и ќе ја зголеми регионалната безбедност. Ние сме подготвени да го поддржиме овој договор како што беше побарано од двете земји.“

Британскиот амбасадор во земјава пак, Чарлс Герет изјави дека договорот ја отвора европската перспектива за Македонија.

„Овој договор ќе го отвори патот за Македонија да се придвижи кон евроатланската интеграција, за да влезе во НАТО и ЕУ и тоа не е добро само за Македонија, туку и за регионот и е добро за сите нас“, истакна Чарлс Герет, амбасадор на Британија.

Реагираше и официјална Москва. Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, изјави дека се надева оти граѓаните на Македонија и Грција ќе го поддржат договорот.

Вјолца Алити

Shpërndaj me