Никола Груевски денеска не замина во затвор. Жалбената постапка му купи уште неколку дена слобода. Неговите адвокати уште во понеделникот доствија жалба до кривичен совет во скопска единица, откако претходно му беше одбиена молбата, одењето во затвор да му се одложи. Груевски денеска и лично достави жалба до судот независно од онаа на адвокатите со објаснување зошто издржувањето на казната може да почека. Веќе од утре пак на кривичниот совет му тече рокот од три дена за да донесе одлука или најдоцна до понеделник. Поранешниот премиер има две опции – судот да ја прифати неговата молба за одлагање или пак да ја одбие жалбата и да наведе датум, кога Груевски да се јави на капијата во затворот Шутка.

Поранешниот премиер пробува да остане на слобода и преку жалба до Врховниот суд. Бара пресудата од две години затвор за набавката на луксузниот мерцедес вонредно да ја преиспита највисокиот суд на чело со Јово Вангеловски инаку кум на пратеникот од ВМРО – ДПМНЕ, Трајко Вељаноски. Токму Вељановски вчера протестираше за правда за Груевски. Во исто време, жалба за „Тенк“ до Апелација испрати и поранешната министерка за внатрешни, Гордана Јанкулоска која е осудена на шест години затвор. Кривичниот суд информираше дека нејзината жалба до Апелацискиот суд има предност бидејќи оди во редовна постапка во однос на вонредниот правен лек во кој спас од затвор бара Никола Груевски.

Поранешниот премиер во веќе одбиената молба која ја адресираше до судијата за извршување санкции за одлагање на одењето во затвор наведе две причини зошто не треба да оди во Шутка. Првата е обврските кои ги има во Собранието како пратеник, алудирајќи на процесите за уставни измени кои течат во параламентот, но и поради тоа што пишува книга откако летово докторираше.

Инаку вчера во комисијата за мандатно имунитетни прашања, неговите колеги пратеници од власта дадоа препорака на Груевски да му биде одзмен пратеничкиот мандат. Сопратијците ја напуштија расправата а исклучените пратеници од ВМРО – ДПМНЕ кои ги поддржаа уставните измени, рекоа дека нема да поддржат одземање на мандатот на нивниот некогашен лидер. За да му се одземе мандатот на Груевски потребно е дво третинско мнозинство кое власта го нема. Целата постапка сепак воопшто и не влијае на неговото одење во затвор.

Бојан Стојановски

Loading...

Shpërndaj me