Судењето за случајот „Шамари во Центар“ и денеска се одложи. Обвинетиот Милан Андононовски не се појави во судница. Бил болен. Имал ларингит. Отворил боледување од 9 март со препорака да нема физички активности. На ова, остро реагираше Специјалното обвинителство. Обвинителката Фатиме Фетаи побара притвор за него оти ова му бил трет пат како не доаѓа на судењата со, според неа, банални оправдувања. Судот го одби предлогот и даде нов термин, 3 април. Специјалното обвинителство се сомневаше и во дијагнозата. Посочија дека ларингит имаат половина од присутните кои го следат процесот.

Ако дојде во судница нема да го тера никој да копа или да има некоја друга физичка активност. Барем температура да ставеше во оправдувањето“, рече Гаврил Бубевски, СЈО

Поранешниот премиер, Никола Груевски кој е првообвинет за „Нарачаните шамари“ смета дека воопшто тој и неговата одбрана не ја развлекуваат постапката смислено. Редовно доаѓал на судењата. Барањето на СЈО во притвор да заврши обвинет кој е болен го оцени како забегано. Дел од постапките кои се водат против него предвидуваат и затвор. Груевски кусо искоментира дека со вакво судство, сè е можно.

Ако се работи по закон не само што не треба да нè осудат, требаше да нема воопшто судење, требаше од старт судот да ги отфрли овие обвинувања, односно не требаше да има обвинувања. Затоа велам, ова стана еден вид театар на апсурдот. Ако не се работи по закон сè е можно, нели кога имате заробено судство, сè е можно“, изјави Никола Груевски, поранешен премиер

Случајот не може да почне повеќе од година и пол, што поради промена на судијата, болест на обвинетите или поради процедурални забелешки. Освен Груевски, обвинети се и неговите поранешни блиски соработници, Миле Јанакиески и Даниела Рангелова.

Бојан Стојановски

Shpërndaj me