Поранешниот премиер, Никола Груевски, кој ужива политички азил во Будимпешта, доцна синоќа повторно се огласи преку својот Фејсбук профил, обвинувајќи дека актуелниот премиер Зоран Заев манипулирал со јавноста кога ја објавил „бомбата“ за Мартин Нешковски во 2015-та година.

Во статусот Груевски се повикува на последната пуштена аудио снимка на кичевчанецот Ел Чека, за наводниот разговор меѓу него и тогашната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, којашто се однесува на убиството на Мартин Нешковски.

„Монтираниот аудио материјал за убиството на Мартин Нешковски имаше цел да биде најемотивната ‘бомба’ чија ‘експлозија’ требаше да ги извади луѓето на улица, во шатори пред владата и да предизвика насилни протести со многу повредени полицајци, со цел кулминација на политичката криза која ја создаде“, порачува Груевски преку својот пост на Фејсбук.

СДСМ во проектот „Вистината за Македонија“ во 2015 та објавија извадок од разговорот, во траење од неколку минути, но, снимката објавена од Ел Чека трае над 12 минути и од неа, според Груевски се добива поинаков впечаток во врска со овој случај.

Снимката на „Ел Чека“, објавена синоќа, била избришана и разговорот во својата целовитост, како што тврди Груевски, е недостапен за пошироката јавност.

21-годишниот Мартин Нешковски беше убиен од страна на полициски службеник за време на прослава на изборната победа ВМРО ДПМНЕ во центарот на Скопје во 2011.

Полицаецот Игор Спасов за тоа е осуден на 14 години затвор.

Loading...

Shpërndaj me

Loading...