Целосно уништени и смачкани камп приколки, откорнати дрва, преплашени граѓани. Ова денеска е сликата од автокампот Крани на брегот на Преспанското езеро, еден ден по големото невреме кое доцна вчера ја зафати Преспа. Тоа траело помалку од 20 минути, но со екстремно силен интензитет. Луѓето кои денеска ги затекнавме во кампот како го чистат хаосот раскажуваат дека за среќа немало повредени.

„Страшно беше. На телевизија досега гледавме торнада, а ние тоа вчера го доживеавме. Не можевме да излеземе. Од ветерот не можевме вратата да ја отворивме…“,, кажува еден турист.

Дополнителен проблем направил и градот кој во еден момент земјата ја покрил со слој од 30 сантиметри.

„…Можеби дуваше ветер 200 километри на час. Град имаше до колена. Овде пливаше од вода. Не можеа да излезат. Под масата, ја отворивме вратата и живи излегоа. Сите жени плачеа, тоа беше чудо…“

„Не можам да објаснам. Тоа е неопишливо. Прво влеговме внатре и паднаа две гранки. Со сваќата излеговме потоа надвор за да бегаме некаде…“

„Почна целиот камп да се лула, да тропа…Не знаевме од што е. Не знаевме што дали е земјотрес или невреме. Фучеше целиот камп…. Едно време престана. Излеговме надвор сите стресени. Мајки, татковци, деца… со коли бегаа кој за Скопје, кој за Битола, кој за Ресен“, раскажуваат туристите.

Во моментот во автокампот Крани нема ниту вода, ниту струја. Претпоставките се дека така ќе биде и во наредните неколку дена. За време на вчерашното големо невреме овде престојувале околу 500 луѓе бидејки најголем дел од камп приколките се во сопственост на други граѓани од градовите во државата. Уништени се речиси 30% од камп-приколките, а откорнати се и стотина дрвја, стари и неколку стотина години.

Инаку, интервенирала и брзата помош особено кај повозрасни лица, а имало и десеттина кои се пожалиле на помали повреди поради удари од град. Денес теренот се расчистуваше со тешка механизација, се сечеа дрвата, а со цистерни од Ресен се носеше техничка вода и вода за пиење. Проодни се и сите патни правци. А, проблеми има и во селото Наколец каде се уништени и покривите на некои куќи.

„Точно е дека синоќа се случи големо невреме во дел од нашата Преспа. Оваа несреќа за прв пат се случува во нашата историја и не се памети такво нешто. Имаме голема штета на домовите на куќите“, вели еден жител на Наколец.

Уништени се и големи површини со јаболкови насади. Според локалното здружение на јаболко-производители од Ресен уништени се околу 400 хектари со јаболка на потегот од селото Сливница до Маркова нога.

„Материјалните штети се огромни. Оштетени се и домови на луѓе, автомобили и овоштарници. Штетите ќе бидат значително големи…“, изјави Живко Гошаревски- градоначалник на Ресен.

Невремето вчера направи проблеми и во делови од Охридскиот регион, односно во автокампот Љубаништа, каде исто така имаше уништени камприколки, како и во регионот на селото Трпејца.

Мики Трајковски

Loading...

Shpërndaj me

Loading...