Земјоделците годинава ќе добијат 99,8 милиони евра директни субвенции.

Ова е за нешто над 10 милиони евра помалку од лани кога се исплатија 110,1 милиони евра. И двете суми се далеку од 160 – те милиони евра за субвенции ветени во предизборната програма на Владата.

Министерот Николовски вели дека не може да се спореди носење на новата програма со реализација на претходната. Но, најавува дека со ребалансот на Буџетот ќе се обезедат дополнителни средства за обесштетување на лозарите што значи повеќе пари за земјоделството.

„Тенденцијата на насоките кои што се даваат и од страна оние кои што сега под силен мониторинг ги следат политиките и реализацијата одат во правец дека директната поддршка треба да се намалува на сметка на програмата за рурален развој. Но, со буџетот кој што е дел од оваа програма се обезбедени средства за целосна навремена и редовна исплата на сите земјоделски стопанства и на сите субвенции“, рече Љупчо Николовски, министер за земјоделство.

Во програмата за финансиска поддршка за земјоделството Николовски најави неколку нови мерки за годинава меѓу кои „зелената нафта“ за 55.000 земјоделци, зголемување на субвенциите за поттикнување на јаболкопроизводство за 7.000 денари по хектар, зголемување на субвенциите за јаболка за површини до пет хехтари за 10.400 денари.

За три пати се зголемуваат субвенциите за оризот од 6.000 на 18.000 денари по хектар, а поголема е и поддршката за производителите на сончоглед. Се зголемуваат субвенциите и во сточарството, за предадено овчо и козјо млеко од четири на 4,5 денари за литар.

Од 33 на 40 денари се зголемува субвенцијата за одгледани и заклани бројлери, за да се поттикне производството, а од 25 на 125 денари расте поддршката за заклани несилки. Министерот информирапе и дека Владата на последната седница ја донела одлуката за обештетување на лозарите и се очекува до крајот на март да бидат исплатени парите.

Александра Спасевска

Loading...

Shpërndaj me

Loading...