Парите за изградбата на националниот гасовод ќе бидат први на удар по објавата за најавениот ребаланс. Ова го потврди министерот за транспорт и врски Горан Сугарески. Сепак, Сугарески вели дека нема сите пари кои беа резервирани за овој проект да се вратат во државната каса, туку ќе се обиделе да ги искористат потоплите денови за работа на терен.

Треба да видиме и околу работата на гасоводот, знаете дека сега е и крај на градежната сезона, да видиме колку поволни денови ќе има за работа и затоа не можам да ги предвидам средствата сега кои би останале во буџетот“, рече Горан Сугарески, министер за транспорт и врски.

Од Министерството за финансии засега не откриваат детали, но потврдуваат дека ребалансот е подготвен. Од кабинетот на министерот Драган Тевдовски за Алсат М велат дека сè зависи од политичките случувања. Доколку има избори, ребаланс нема да има. Во тој случај преку прекројување на државната каса ќе треба да се обезбедат пари за избори. Од стартот на годинава, Владата потфрли со реализацијата на капиталните инвестиции. Податоците велат дека за осум месеци од 2018-ттата се реализирани само 23 отсто од предвидените пари за капитални проекти. Во броеви, тоа значи дека од предвидените 391 милион евра, инвестирани се само 91 милион.

Инаку, само за изградбата на гасоводната мрежа која треба да поминува низ сртот на Водно над Скопје, од буџетот за годинава се предвидени 32 милиони евра. Изминатиов период Сугарески изјави дека досега реализацијата на овој проект изнесува само 10%. Во меѓувреме, градежните работи на Водно се стопирани поради протести на еколошки здруженија кои не дозволуваат да се сече шумата. Иако се одржаа две јавни дебати меѓу властите и екологистите, засега решение за гасоводот нема.

Иле Петревски

Shpërndaj me