Високиот степен на корупција, непочитувањето на законите и неплаќањето даноци се трите негативни сегменти кои не дозволуваат во целост да се имплементираат економските реформи во Македонија. Остра критика денеска испрати советникот на владата Вaлтер Дефа, кој во земјава дојде по препорака на германската Канцеларка, Ангела Меркел, да помогне во подобрување на економските политики. Потребни се инвестиции, но никако не смее да се продлабочува јавниот долг, вели германскиот советник.

„Да се биде успешен во имплементацијата треба да се фокусирате на приоритетите. Приоритетите се важни бидејќи не може сè да направите во исто време и тоа е ризикот во ваков процес. Ако процесот не е ориентиран кон имплементација, тогаш ризикот е да се дегенерира во бирократска вежба. А, тоа не може да си го дозволите. Програмата за економски реформи не е само пополнување прашалници, не е тоа целта“, рече Валтер Дефа советник во владата.

Но, овие критики не го загрижија министерот за финансии Драган Тевдовски. Бројките со кои тој располага вели дека земјава е рекордер во спроведувањето на економските реформи во однос на другите држави кои претендираат за членство во Европската Унија. Како предизвици вели дека ќе се залага за намалување на невработеноста кај најмладите и сузбивање на сивата економија. Тевдовски смета дека реформите треба да се спроведуваат заеднички со земјите-кандидати.

„Јас сум маратонец го сакам трчањето. Минатата сабота трчав заедно со маратонецот Краси Ѓорѓиев за да го поддржам во ултра-маратонот насловен „Поврзаност“, кој се трчаше по Коридорот 8. Идејата на маратонот беше да испрати порака за поблиска соработка на економиите и граѓаните на Албанија, Северна Македонија и Бугарија. Ова е во насока на политиките на ЕУ за поврзување на економиите“, рече министерот Тевдовски.

Експертите од Брисел ветија дека ќе ù помогнат на Владата во имплементацијата на економските реформи. Но, загрижени се дека главните проблеми кои ја кочат земјава како корупцијата, невработеноста, работата на црно со црвени букви се запишани во сите извештаи на Европската Комисија за земјава. А, ова не беше прва јавна опомена дека недостасуваат реформи во Македонија.

Пред точно еден месец  поранешниот заменик на помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Брајан Хојт Ји, оцени дека земјите од Западен Балкан глумат реформатори односно дека само се преправаат дека спроведуваат некакви реформи.

Иле Петревски

Loading...

Shpërndaj me

Loading...