Поранешните вработени на државниот загубар Охис не се откажуваат од своите заработени пари. Со години државата им должи 24 плати. Имаат судска одлука парите да им бидат исплатени. Револтирани, помала група „охисовци“ денеска ја блокираа Илинденска и од Владата побара итно решение. Разочарани се од игнорантскиот однос на власта најавија доколку не ги добијат парите, пред владата ќе постават шатори.

„Дваесет и четири плати чекаат околу осумстотини луѓе, а околу четиристотини луѓе чекаат осум плати. Бевме кај Министерот за економија, ништо не добивме, бевме кај министерот Шапуриќ исто така ништо, успеавме да стигнеме и до премиерот Заев, разговаравме и вели бидејќи немам време ќе ви го доделам министерот Шапуриќ за понатамошни договори. Поминаа осум месеци и од тогаш ништо“, рече Здравко Воневски, поранешен работник во ОХИС.

Работниците од некогашниот хемиски гигант Охис јавно им се извинуваат на сите граѓани поради блокадата на булеварот и метежот кој е неминовен во сообраќајот при затворање на главните сообраќајници. Работниците се надеваат дека на следниот протест поголем број од нивните веќе поранешни колеги ќе дојдат и ќе им дадат поддршка.

„Имам 40 години стаж, сум дошол да се движам со бастумче и сега да дојдам пред влада да барам 24 плати. Ова не личи на ништо“, додава Воневски.

Со проблемите на охисовци веќе е запознаен и Народниот правобранител, а помош побарале и од Антикорупциската комисија бидејќи се сомневаат дека во Охис се случувал голем криминал и распродажба на државниот имот. Веќе неколку години Охис е во стечај, откако не се продаде на 13 тендери.

Иле Петревски

Loading...

Shpërndaj me

Loading...