Веќе два месеца вработените во СЈО не добиваат плата. Институцијата не ги плаќа ни даноците, а во последно време од ангажман е отстранета и компанијата која беше договорена за да ја одржува. Судбината на 90 вработени останува во рацете на партиите кои ќе преговараат за Законот за јавно обвинителство.

Наспроти овие 90 лица кои останаа без месечните плати, околу 20 истражители кои се ангажирани од СЈО плата земаат од Министерството за внатрешни работи. Поради притворот на Катица Јанева, плаќањата во оваа институција не можат да се реализираат. Јанева нема ни заменик, бидејќи поранешните специјални обвинители се веќе распоредени низ редовните јавни обвинителства.

Прислушуваните материјали и останатите докази се процесуираат согласно законот и не се во опасност. Извори од СЈО велат дека со исклучок на финансиското прашање, сè друго функционира. Судбината на вработените во СЈО беше дел од преговорите меѓу работните групи на власта и опозицијата.

СДСМ бара сите вработени да се распоредат во Јавното обвинителство, а ВМРО-ДПМНЕ бара сите да подлегнат на мерките за конфликт на интерес и потоа да се вработат во судските органи.

Судбината на прислушуваните материјали останува нејасна. Опозицијата бара сите да се користат како докази, вклучувајќи ги и оние од пред 2015 година, а власта бара кривични постапки да се спроведуваат само врз основа на прислушувањата од 2015 година, па наваму.

Страните имаат дилеми и за начинот на застапување на предметите. Власта се обидува секторот за организиран криминал да се раздели на две засебни тела, а опозицијата бара СЈО да се претопи во Обвинителството за гонење на организиран криминал и висока корупција. Преговорите за Законот за јавно обвинителство запреа уште од крајот на септември.

Адриан Керими

 

Loading...

Shpërndaj me

Loading...