Веќе 10 дена Агенцијата за управување со одземен имот постапува по пресудата за конфискација на вкупниот имот на „Трансмет“ на Сеад Кочан. Пресудата е сложена, вели директорот на институцијата Фатон Асани, бидејќи државата треба да одземе имот вреден речиси 19 милиони евра, како што гласи судската пресуда.

Првично, изготвени се решенија за префрлање на недвижнини од фирмата „Трансмет“ на име на Агенцијата. Од вкупно 26 недвижнини, само 3 се под залог во банка, а за останатите 23, Асани се надева дека Катастарот за недвижности наскоро ќе ја промени сопственоста – од приватна во државна.

„Го спомнав само недвижниот имот, станови, земјиште, деловни прсотории. Има и 204 возила, кои ние сега ги доставивме до Централен регистар да се проверат, бидејќи имаме документ дека 24 возила кои се од повисока парична вредност се заложени во некои банки“, рече  Фатон Асани – Агенција за управување со одземен имот.

Едно од прашањата до Асани беше дали залогот даден во банките на имотот кој е предмет на конфискација може да биде проблем при неговото одземање.

„Ако истите камиони се заложени во банки, ќе треба да седнеме и со извршителите бидејќи има и најава од извршители кои сакаат да седнат со нас на работен состанок и да ги конкретизираме тие работи“, додава Асани.

На дел од механизацијата на „Трансмет“, која е предмет на конфискација, се надева Електрани на Северна Македонија, како оштетена страна. Но, Агенцијата за управување со одземен имот ќе чека да заврши постапката за конфискација, па после ќе решава дали имотот ќе се донира или ќе се продава на аукција.

Од Кривичниот суд и денеска го повторија одговорот дека судијата за извршување санкции се уште не донел одлука по барањето на Кочан за одложување на извршување на затворската казна поради болест. Кочан требаше вчера да се пријави на издржување на затворската казна.

Loading...

Shpërndaj me

Loading...