Непродадени стојат 5.254 новоизградени станови во Македонија, а 11.593 се градат, покажуваат податоците на Агенцијата за катастар. Но, и покрај големата понуда, цената на квадратот никако да падне. Според консултантската компанија „Фортон“ просечната цена на квадрат станбена површина во општина Центар е најскапа и изнесува 1.062 евра.

Во Карпош квадратот е 1.022, а во општината Аеродром во просек цената изнесува 909 евра. Од оваа домашна консултатнска компанија велат дека побарувачка на пазарот има. Најмногу се бараат гарсониери и станови до 50 квадрати во Скопје. Велат дека цените засега се стабилни, но ако продолжи падот на градежната активност, може цената на квадратот во Скопје да расте.

„Побарувачката на станови е стабилна, дури може да се забележи и одреден раст, сè уште граѓаните сакаат да инвестираат во станови или го решаваат за првпат своето станбено прашање. А, од друга страна имаме забавување на градежната активност. Поради тоа што во минатото беа издадени многу одобренија за градба, таа позиција се балансира, но доколку продолжи намалувањето на градежната активност, а исто има зголемена побарувачка, тоа ќе створи дисбаланс на среден рок и ќе се одрази на качување на цените“, рече Влатко Богоевски, Консултатска компанија.

Најголема побарувачка, а и продажба на станови има во општините Центар, Карпош и Аеродром, каде што и квадратот е најскап. Во другите градови пак, цената е драстично пониска. Стан во Охрид се продава за 650 евра, во Битола за околу 550 евра, а во Струмица за 540 евра.

Проблем за пазарот на недвижности во Скопје е мораториумот на градежни активности во Центар и делумно во Карпош каде што беше стопирана изградбата на неколку поголеми станбени комплекси.

Александра Спасевска

Loading...

Shpërndaj me

Loading...