Денешниот час во Основното училиште „Бајрам Шабани“ во Куманово беше последен за ученикот од прво одделение Милот Емини. Тој го искористи овој час за да ги научи и останатите букви од азбуката на албанскиот јазик, бидејќи утре со своето семејство заминуваат за Германија. Тажен поради разделбата од неговите другарчиња и од наставничката, Милот вели дека секогаш ќе има убави спомени.

„Одам во Германија кај тато. Никогаш нема да ги заборавам моите другари, ниту наставничката. Овие другари беа многу добри. Кога ќе дојдам повторно ќе ги сретнам. Тажен сум што заминувам, но пак ќе се вратам“, вели Милот.

Милот не е единствениот ученик од прво одделение кој си заминува. Пред него се иселиле и двајца други, вели нивната наставничка Миќереме Невзади.

„Имав 24 ученици, но сега почнаа да заминуваат. Само во последните две недели тројца ученици заминаа, еве сега и Милот. Многу сум тажна што ми заминуваат најдобрите ученици. Беа многу добри, дисциплинирани, одлични, но условите си го прават своето“, вели наставничката Невзади.

И директорот на училиштето Мустафа Ебипи признава дека од година во година се намалува бројот на ученици во Куманово. Во училиштето “Бајрам Шабани“ за пет години на клупите има осумдесет и еден ученик помалку. Само оваа учебна година надвор од земјава ќе заминат 15 ученици, а некои веќе се иселиле.

„Ова за нас е душевна болка бидејќи и така во ова училиште бројот на ученици кои се запишуваат е мал. Оваа школска година имаме 15 ученици кои сакаат да заминат од училиштето. Девет се веќе заминати, а уште шест поднесоа барање за заминување во западните земји. Ова е точната бројка која ја утврдивме во нашето училиште. Главен фактор е економската и социјалната состојба на нивните семејства и затоа заминуваат во западните земји за подобар живот“, вели Мустафа Ебипи, директор на ОУ “Бајрам Шабани“- Куманово.

Ваква појава има и во многу други општини низ Македонија. Во Гостивар во последните три години намален е бројот на ученици во основните и во средните училиште. Како што информираат од општината, во основното училиште има 138 ученици помалку, а во средните дури 559. Без оглед на сè, Милот и многумина други како него, се надеваат дека еден ден повторно ќе се вратат во родната земја и ќе бидат заедно со нивните роднини и пријатели.

Мелихате Рустеми

Loading...

Shpërndaj me