Косовското Собрание расправа за иницијативата за недоверба на Владата на Албин Курти. Седницата е свикана по барање на Демократскиот сојуз на Косово, довчерашен коалициски партнер на Курти и се одвива во вонредни услови. Премиерот рече дека овој чекор на коалицискиот партнер е во координација со претседателот Хашим Тачи, со цел да се потпише договорот со Србија за размена на територии откако неговата влада ќе падне.

„…Се обиде да ја прогласи за вонредна состојба, не успеа. Отиде во Белата куќа да склучи договор, но не склучи. Со мене премиер со оваа Влада не се прогласува за вонредна состојба без да се создаде вонредна состојба. Нема договор ниту во Белата куќа, ниту со зелените, ниту црвените за територијална размена меѓу Косово и Србија. Значи, моторот во позадина на целата оваа работа е да ме тргнат мене и да се отвори патот за прогласување на вонредна состојба. Убеден сум дека има подготвена зделка. Ова го потврди и претседателот на нашата средба“, рече Албин Курти, премиер на Косово.

Пратеничката група на ДСК го обвинува премиерот Курти дека сака да стане над претседателот, прекршувајќи го и договорот за коалиција. Но, спикерката на Парламентот, Вјоса Османи, имаше различно мислење од пратеничката група на најзината матична партија.

„Премиерот кој е во војна со претседателот за власт и превласт во овој мал кафез на косовската политика, а управуван од параноја, страв и фундаментална неспособност за управување со тешки политички и безбедносни ситуации, одлучи да ја поткопа политичката основа на неговата Влада“, рече Арбен Гаши, пратеник на ЛДК.

Според движењето, Самоопределување, постапката на ДСК заедно со планот за договор со Србија, претставува предавство.

„…Подобро со Косово отколку во коалиција со вас. Се гледаме на други соочувања“, рече Реџеп Селими, пратеник на Самоопределување.

Опозициската Демократска партија на Косово го обвини Курти за расипување на партнерството со САД.

„Наместо да ги реставрира оштетените односи со САД, Владата промовираше и организираше антиамерикански дух преку намерно непочитување на американските препораки и преку дискурс на противење и одделување со САД преку партиските војници“, рече Мемли Красниќи, пратеник на ПДК.

Според Алијансата за иднината на Косово, Курти е контроверзен премиер.

„Тргање на данокот без профит за Република Косово, отворањето пазар за Србија, непреговарање со САД… Еднострано на прес-конференција го укина данокот… Некои велат дека ја стопираат поделбата на Косово и ако данокот ја запре, зошто е укинат сега, дали опасноста помина сега или каде сме?“, кажа Даут Харадинај, пратеник на АИК.

Иницијативата за гласање недоверба на Владата на Курти се случи неколку дена откако косовскиот премиер го разреши министерот за внатрешни работи Агим Велиу кој доаѓаше од коалицискиот партнер, Демократскиот сојуз на Косово. Образложението на Курти беше дека Велиу сакал да прогласи вонредна состојба поради коронавирусот во соработка со претседателот, но без да се консултира со него. Во случај на Владата да ù биде изгласана недоверба, Уставот остава простор од 15 дена да се создаде ново мнозинство со нов мандатар. Во спротивно, Косово ќе мора да оди на нови предвремени парламентарни избори.

Адријан Керими

Loading...

Shpërndaj me

Loading...