Обвинителствата во Драч, Тирана и Круја започнаа истраги за многуте урнати згради како последица на земјотресот од утрината на 26 ноември. Се истражува дали тоа се случило поради нелегална градба, поради грешки на инженерите, изведувачите или одговорните лица или поради пропусти кај државните службеници задолжени за градежен надзор. Од друга страна, Советот за национална безбедност се состана за да ги координира активностите за соочување со итната ситуација, после која претседателот на државата Илир Мета го повика обвинителството веднаш да ја започне истрага за да се изнесат пред лицето на правдата сите кои имале пропусти при градењето.

„Го поддржуваме обвинителството да ги води истрагите и да воспостави кривична одговорност за сите кои ќе се покаже дека се одговорни“-изјави Илир Мета, Претседател на Албанија.

Во меѓувреме, екипи од САД со инженерски екипи помагаат во проценка на штетите.

„УСАИД испрати структурни инженери од противпожарните сектори од Ферфакс и Лос Анџелес кои ќе помогнат во проценка на штетите кај зградите и инфраструктурата како дел од поддршката на владата на САД за обнова по земјотресот. Овој тим ќе помогне во проценката на куќите, училиштата и останатите згради кои се безбедни за враќање на луѓето“-велат од Амбасада на САД во Тирана.

А, заменик-министерката за внатрешни работи на Албанија Ровена Вода соопшти дека работата за утврдување на штетите на теренот продолжува со домашни и меѓународни тимови во сите погодени подрачја.

„Урнати згради 131, тешко оштетени згради 3.811; лесно оштетени згради 3.149; тешко оштетени станови 461, лесно оштетени 324, станови во кои не може да се живее 20.“-изјави Ровена Вода, заменик-министерка за внатрешни работи.

Според заменик-министерката, околу 1.960 граѓани се сместени во хотели, 964 во шатори, 867 во социјални центри, а 2.525 во семејства се кај блиски роднини.

Анеса Салихи

Loading...

Shpërndaj me

Loading...