Собранието утре ќе гласа за Законот за употреба на јазиците. На денешната координација, владините партнери заедно со претставниците на опозициските Алијанса и ДПА донеле одлука седницата со оваа точка на дневен ред да се одржи во 13 часот. Од Кабинетот на претседателот на Собранието не соопштуваат како ќе се одвива утрешната седница односно како ќе се гласа законот без да бидат разгледувани 35-те илјади амандмани на ВМРО-ДПМНЕ. Лидерот на оваа партија бара власта да делува согласно нормите и да одлучува и по нивните амандмани. Тој најави дека пратеничката група ќе се врати во Собранието и ќе учествува на седницата на која на дневен ред ќе биде законот за јазиците.

Премиерот Зоран Заев веќе најави дека законот за јазиците ќе биде донесен во текот на оваа недела отфрлувајќи ја  понудата на ВМРО-ДПМНЕ, тој да го повелече од процедура Законот за употреба на јазиците, а тие да му дадат поддршка за изгласување реформски закони. Мицкоски пак ги отфрла обвинувањата за неконструктивен и неодговорен пристап во Собранието обвинувајќи го мнозинството и Владата за терор кон опозицијата. Од ВМРО-ДПМНЕ неколку пати најавија дека во случај да не се разгледуваат амандманите против Законот за јазиците, тие ќе се повлечат од работните групи и нема да дадат поддршка за итните реформски закони кои нема да можат да се донесат без нивните гласови. Парламентарното мнозинство очекува овој пат за законот да гласаат повеќе пратеници, најмалку 71. 

Законот за употреба на јазиците беше изгласан на 11 јануари, а на 17 јануари претседателот Иванов соопшти дека нема да го потпише под образложение дека истиот е во спротивност со Уставот и го загрозува унитарниот карактер на земјата.

Адријан Керими

Shpërndaj me