Охридските локални власти бараат начин како во Охрид да доаѓаат гости кои ќе трошат повеќе пари и ќе придонесуваат многу повеќе за локалната економија. Градоначалникот Јован Стојановски вели дека нивна цел е зголемен туристички промет, но не со зголемен број на туристи, затоа што – вели – тоа ќе значело проблеми во делот на инфраструктурното уредување и нарушување на просторот.

„Навлегуваме во една фаза во која треба да размислуваме во два правци. Едниот правец е како да ги прошириме хотелските капацитети кои се веќе букирани преку целата година, што е добро. Вториот правец е донесување на поквалитетни гости, гости кои ќе поминуваат повеќе денови во Охрид во нови форми на туризам и на таков начин би се зголемил туристичкиот промет“, рече Јован Стојановски- градоначалник на Охрид.

Мислењето помеѓу охриѓани е дека голем дел од странските туристи кои го посетуваат градот не се големи потрошувачи. И охридските угостители се на став дека треба да се поработи на привлекување на гости со подлабок џеб.

Кога ќе речеме квалитативност на гостинот мислиме на неговата финансиска моќ и најдобро би било Охрид да се стекне со една клиентела којашто освен овие секојдневните работи кои може да се сретнат во градот, да биде посветен на поголемите богатства кои ги поседува овој регион“, изјави Михаил Мишев- здружение на угостители на Охрид.

Од општината најавуваат дека се работи и на изградба на нови хотелски капацитети, но умерено за да не биде како што велат нарушен ликот и препознатливоста на градот. Изградба на нови хотели е едно од барањата и на Хотелската асоцијација на Македонија. Оттаму веќе подолго време предупредуваат дека поради сè поголемиот интерес на странски тур-оператори, постоечките капацитети, кои се околу 7.000, не ги задоволуваат потребите. Во Струга тој број е уште помал.

„Струга има можеби дупло помалку и повеќе, можеби околу 40% од капацитетите што Охрид ги поседува. Со тоа се доведува дека бројот на гости во Струга ќе биде помал“, вели Крсте Блажевски-претседател на Хотам.

Хотелиерите бараат итно донесување на урбанистичките планови за целото крајбрежје онаму каде тоа недостасува, за да се откочи процесот за градба на нови објекти.

Мики Трајковски

Shpërndaj me