Владата знае дека недостигаат 35% од задолжителните резерви на нафта и нафтени деривати и бара решение за проблемот, тврди владиниот портпарол Миле Бошњаковски. Иако трите нафтени компании ОКТА, Лукоил и Макпетрол во последниве две години одбиваат да ги чуваат државните нафтени резерви затоа што државата не им плаќа надоместок и затоа се намалени и државните резерви, од Владата тврдат дека состојбата не е алармантна.

Работеле на измени на Законот за задолжителни нафтени деривати, бидејќи со новиот Закон за енергетика донесен пред пет месеци, укинати се постоечките лиценци за складирање на нафта и нафтени деривати. Сега, согласно законските измени со правилник кој ќе го донесе Владата треба да се реши овој децениски проблем.

„Оваа регулатива, ова усогласување се очекува да биде донесено во наредниве неколку месеци со која што ќе се надмине состојбата која што ја посочивте. Но, уште еднаш потенцирам дека Владата на Македонија нема да дозволи ситуацијата да стане алармантна“, рече Миле Бошњаковски, портпарол на Влада.

Нафтените компании кои ги чуваат државните резерви на нафта и нафтени деривати со децении немаат добиено ниту денар од државата. Велат дека во договорите кои што ги имаат со Дирекцијата за задолжителни нафтени резерви нема ниту рок до кога имаат обврска да ги чуваат. Согласно постоечкото законско решение сега можат само во текот на годината, најдоцна до 31 декември да користат само 30% од државната нафта која ја чуваат.

Но, велат дека ваквиот начин на компензација за нив нема вредност посебно во услови кога цените на дериватите се зголемуваат. Затоа последниве две години одбиваат да учествуваат на јавните повици на дирекцијата за чување на државните резерви.

Инаку, во буџетот годишно се собираат околу 8 милиони евра од надоместокот кој граѓаните и компаниите го плаќаат за државните резерви со секој купен лират гориво. Според пресметките на нафтените компании трошокот за чување на државните резерви би  бил од околу 3 до 4 милиони евра годишно.

Од Министерството за финансии втор ден немаат став за овој проблем. Нема одговор на прашањето за што се користат парите кои што се собираат од граѓаните и фирмите кои ги плаќаат за задолжителните резерви.

Александра Спасевска

Loading...

Shpërndaj me