Парламентарното мнозинство го отфрли барањето на опозицијата на денешната пленарна седница да се гласа за разрешување на специјалната обвинителка Катица Јанева. Образложението на опозицијата е дека поминала една недела од заклучокот на Комисијата за избори и именувања каде едногласно беше прифатено барањето на Советот на јавни обвинители да ја разреши Јанева поради непрофесионално, незаконско и неодговорно работење. Од парламентарното мнозинство соопштија дека тие се за разрешување на Јанева и за усвојување на Законот за јавно обвинителство, но треба да се чека исходот од евентуален договор меѓу партиските лидери.

Ден претходно, претседателот на Собранието, Талат Џафери најави дека точката за разрешување на Јанева и можното усвојување на измените и дополнувања во Законот за јавно обвинителство ќе се стават на истата пленарна седница.

Со оглед на тоа што средбата Заев-Мицкоски не донесе решение, неофицијално се дознава дека Џафери ќе покаже разбирање за преговорите меѓу власта и опозицијата и оти пленарната седница ќе биде свикана ако има позитивни сигнали од лидерите.

Во моментов постапката за разрешување на Јанева ја помина само фазата на работното тело, а нејзиното разрешување во пленарна седница мора да се гласа со двотретинско мнозинство и со Бадентерово гласање, односно и со поддршка од најмалку половината од пратениците кои не се Македонци. Од друга страна, Предлог-законот за јавно обвинителство заглави во фаза на амандмани. Од вкупно 51 предлог, Комисијата за европски прашања досега прифати само 10 од нив.

Адријан Керими

Loading...

Shpërndaj me

Loading...