Владата размислува да го намали ДДВ-то за увоз на нови, но и на половни возила во земјава. Ако тоа се случи, тогаш би отпаднала идејата за давање на државна субвениција од три илјади евра за набавка на возило со ЕУРО 5 или 6 стандардот, најавува за Алсат министерот за економија Крешник Бектеши. На тој начин ќе се избегне опасноста дел од граѓаните кои би аплицирале за државна помош за купување возило, да останат со празни раце. Во Владата се прават пресметки која опција ќе биде поисплатлива за државната каса, дали намален ДДВ за увоз или 3.000 евра за субвенционирање.

„Не е напуштена идејата за три илјади евра, паралелно работиме на фискалните импликации, но работиме и на тоа на колку граѓани може да помогнеме со првата и колку со втората мерка. Првичните информации кои нас ни доаѓаат се дека е подобро да одиме со втората мерка бидејќи така ќе им овозможиме на сите заинтересирани граѓани да увезуваат нови автомобили“, рече министерот Бектеши.

Неофицијално, поголемиот дел од членовите на владата се за времено намалување на ДДВ-то на увоз на половни и нови автомобили. Измените на законот за возила предизвикаа многу интерес кај граѓаните уште по самото објавување пред повеќе од еден месец. Првичната идеа беше старото возило прво да се остави во отпад за автомобили кој би добил посебно овластување од Министерството за животна средина. Потоа, во МВР би требало да го одјави тоа возило и таму да ја предаде сообраќајната книшка. Дури потоа заинтересираниот граѓанин би можел прво да купи возило со еуро пет стандардот, но до 12 илјади евра и со сите документи да аплицира во Министерството за економија за поврат на три илјади евра.

Иле Петревски

Loading...

Shpërndaj me

Loading...