Владата е немоќна пред општините за изградбата на регионалните депонии. Во моментов утврдени се две локации за изградба на регионални депонии, едната во североисточниот, а едната во југозападниот регион. Но, се уште нема согласност од локалните власти на нивната територија да се собира и рециклира ѓубрето. Заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули ги повика градоначалниците да дозволат да се спроведат, како што рече, европските препораки.

„Апелирам во општините каде што има на пример осум или десет илегални отпади, да не пружаат отпор, туку слободно да ги прифатат европските текови, да направиме регионални депонии во коишто од ѓубрето ќе правиме профит“, рече Макрадули.

Се проценува дека во Македонија има меѓу 66 и 88 илегални депонии, а во една општина каде што градоначалникот не дозволувал да се гради регионална депонија, имало дури осум. Сепак, Макрадули не појасни на која општини мисли.

„Депонијата нема да биде онаква како што, за жал, е сликата што ја знаеме од Струга. Тоа ќе биде место каде што ќе има работна сила каде ќе се произведуваат или нови суровини или енергија“, додава Макрадули.

На годишно ниво во земјава се создаваат 800 илјади тони отпад. 100 илјади тони е амбалажиран од кои се собираат само 30 отсто, а 15 илјади тони се електронски отпад. Инаку, од Министерството за екологија најавуваат и дека на 19 март ќе почне со работа новиот филтер во скопската депонија Дрисла која зимата беше казнета поради прекумерно загадување на воздухот.

Александра Спасевска

Shpërndaj me