Владата го замрзна прогресивниот данок и времено го врати рамниот данок од 10 отсто. Замрзнувањето ќе трае 36 месеци и во овој период властите се откажуваат и од даночење со 15 отсто на капиталните добивки, како и на каматите кои надминуваат 15 илјади денари на банкарските депозити. Овие две оданочувања требаше да стартуваат од 1 јануари следнава година. Замрзнувањето на прогресивниот данок е бидејќи не го дал посакуваниот резултат и бил донесен без потребните консултации со бизнис-заедницата. Со него, секој приход над 1.500 евра се даночеше со 18%, а сумата до тој износ со 10%.

Нина Ангеловска, министерка за финансии (05:26)

„Севкупно, проценката кажува дека поради овие ефекти, таканаречено даночно избегнување или во првите шест месеци од годината од воведувањето на прогресивниот и повисокиот данок на доход се собрани 12 милиони евра, а ако субјектите се однесувале онака како што се однесувале во првата половина од 2018 година, требало да се соберат 19 милиони…“

Но, еден од авторите на прогресивниот данок, Бранимир Јовановиќ, кој беше советник на екс министерот Драган Тевдовски, вели дека ова тврдење на министерката Ангеловска не е точно.

Бранимир Јовановиќ, Поранешен советник во Министерството за финансии (41:20)

„Дури министерката тоа што го кажа на прес-конференцијата е нестручно и е  полно со принципиелни грешки. Таа кажа дека дел од луѓето прибегнале кон избегнување на данок, но суштината е во тоа дека со измените што се направија тогаш, дел од приходите ќе се наплатат дури до година со  годишната даночна пријава и тогаш ќе се видат вкупните ефекти од прогресивниот данок…“

Министерката за Ангеловска вели дека враќањето на рамниот данок, кој го воведе ВМРО-ДПМНЕ, не е напуштање на предизборните ветувања кои ги даде СДСМ во 2016 година за прогресивно оданочување на најбогатите и прелевање на овие пари кај сиромашните.

 Нина Ангеловска, министерка за финансии (24:40)

„Оваа влада смета, јас сметам дека прогресивниот данок може да направи општествено корисна улога доколку е оптимално дизајниран, во консултација со засегнатите страни, навремено најавен и планиран, за да може сите навремено да се подготват и секако многу важно при момент кога е зајакната довербата во институциите и кога е адресирана сивата економија.“

 Бранимир Јовановиќ, поранешен советник во Министерството за финансии (40:06)

„Со ова Владата си ги намалува буџетските приходи за околу 30 до 40 милиони евра и што е уште полошо тие пари, тие 30 – 40 милиони евра Владата им ги дава на најбогатите 1% во државава. Не знам со кој образ може да се направи тоа…“

Јовановиќ вели дека со ова, бизнис крилото во владата дефинитивно го победи социјалдемократското. А, поранешниот министер за финансии, Драган Тевдовски, кој единствено настрада при таканаречената „метла“ на премиерот Заев, на неговиот ФБ профил денеска ги повика пратениците кои ќе гласаат за суспендирање на прогресивното оданочување, да размислат и за бришење на зборот „социјалдемократски“ од името на нивната партија.

Loading...

Shpërndaj me

Loading...