Жителите во населбата Скопје Север кои се корисници на парно греење од топланата Скопје Север утрово се разбудија со студени радијатори. Ова е втор викенд по ред како топланата ја прекинува испораката на греење поради тоа што нема пари да купи гас од фирмата Макпетрол Гас Пром. Вината за тоа ја лоцираат кај Општината Чаир кој е еден од нивните најголеми должници.

Бараат општината авансно неделно да ги плаќа обврските коишто ги има кон топланата или да обезбеди гаранција за плаќање. Но, од општината велат дека плаќаат редовно согласно договорот којшто уште минатата година го постигнале со топланата Скопје Север. Тие пак, вината за студените радијатори ја гледаат во лошото финансиско работење на компанијата. Велат дека за една година за 50 отсто го намалиле долгот кон топланата и секој месец плаќаат редовно сметки.

„Во однос на нивното барање за да обезбедиме банкарска гаранција односно за да се обезбеди повторно вклучување на граѓаните во системот за греење ние правиме сè и разговараме со топланата и во текот на оваа недела ќе донесеме одлука во врска со нивното барање…“, рече Куштрим Ала, портпарол на општина Чаир.

Од Макпетрол Пром Гас велат дека за сите количини на гас кои ги продаваат на одложено плаќање неопходна е банкарска гаранција или авансно плаќање. Велат дека доставувале гас до Топланата Секопје Север сè додека од таму не ги известиле дека не се во можност веќе да ги подмируваат обврските на дневна основа.

Макпетрол Пром-Гас:

До овој момент Скопје Север АД до нас нема доставено банкарска гаранција, а количините на природен гас ги плаќа на дневна основа, што создава потешкотии при нормално функционирање на работењето на Макпетрол Пром Гас и воопшто на системот за природен гас.“

Од Скопје Север велат дека ги имаат подмирено долговите кон Макпетрол Пром Гас, но велат дека им е проблем барањето на фирмата да достават банкарска гаранција.

Топлана Скопје Север:

Исклучувањето е од причина што согласно договорот за испорака на природен гас, испорачателот Макпетрол Пром Гас инсистира на гаранција за плаќањето на испорачаните количини.“

Граѓаните се револтирани, велат дека се колатерална штета. Плаќаат сметки, а еве веќе втор викенд смрзнуваат во своите домови поради кавгите на компаниите и општината.

„…Не ми е јасно како ние што плаќаме сакаме топлинска енергија, користам можност да ги повикам да го средат овој проблем, минус веќе фаќа… Имаме постари луѓе, имаме дечиња, не знам како да кажам, ова нè затекна, никогаш не било вака, на почетокот на оваа грејна сезона се појави проблем“, вели еден жител од Скопје Север.

Освен станбени единици и индивидуални куќи кои добиваат парно греење од оваа топлана, на системот се приклучени и три основни училишта и две градинки кои засега не знаат како ќе ги затоплуваат просториите од следниот понеделник.

Александра Спасевска

Loading...

Shpërndaj me