Амандманите за државниот буџет за 2020 година повторно ги скараа  пратениците на власта и опозицијата. Инфраструктурните проекти денеска беа главна тема во Комисијата за финансирање и буџет. Опозицијата смета дека за догодина приоритетно треба да биде изградба на првата делница од автопатот Кичево – Гостивар.

„Автопатот Кичево – Гостивар е најтешката, а можеби и најважната делница за да може автопатното поврзување од главниот град на Македонија до Охрид, до Струга, до границата со Албанија да биде комплетирано и не само да даде инфраструктурен и безбедносен придонес кога се патува, туку да даде придонес и за економскиот развој“, рече Антонио Милошоски, ВМРО-ДПМНЕ.

Власта возврати дека не само првата, туку дека се проектираат и во план се и втората и третата делница да ја градат, но градежните работи за првиот дел би започнале за две години, а не во 2020-та.

„Амандманот не се прифаќа. За истата делница веќе има преземени активности….“, рече Ширет Елези, заменик министерка за финансии.

По одбивањето на амандманот дополнително се вжешти реториката на релација опозиција – власт.

„….Барем да имаат доблест да кажат дека од најавениот инфраструктурен бум во Македонија нема ништо. Не 600 километри автопат, туку шест сантиметри немаат направено“, рече Димитар Стевананџија, ВМРО-ДПМНЕ.

„За среќа со доаѓањето на власт за многу кратко време за неколку месеци, патот Кичево – Гостивар по целата должина е реконструиран. Мислам дека сега е многу побезбеден и многу поудобен за патување од тоа што беше“, рече Анета Симеска – Димоска, СДСМ.

Инаку, министерката за финансии вчера предложи амандманите во иднина да се поднесуваат анонимно за да нема впечаток дека власта ги одбива поради тоа што се доставени од опозицијата.

Иле Петревски

 

Loading...

Shpërndaj me

Loading...