Македонската економија 2018 година ја заврши со раст од 2,7 проценти, соопшти Државниот завод за статистика. Овој резултат е близу намалените проекции со ребалансот на буџетот. Владата првично проектираше раст од 3,2%, но потоа го намали на 2,8%. БДП пораснал најмногу во псоледниот кватрал и тоа за 3,7%. Градежништвото кое што цела година беше во негатива во последните три месеци лани порасна за 19,6%. Од Владата велат дека растот на економијата е според очекувањата, а економијата се движи во посакуваниот правец. Градежништвото повторно се вратило во нормала.

„Посветеноста на Владата, точната визија, добро одмерените мерки во економијата во сите сектори веќе ги даваат очекуваните резултати“, рече Кочо Анѓушев, вицепремиер.

Министерот за финансии Драган Тевдовски е оптимист дека ќе се остварат планираните проекции за раст на економијата годинава.

„Ако се гледа нашата проекција за 2019 година, таа е 3,2 проценти и мислиме дека е апсолутно може да се оствари и притоа оваа проекција е без премногу подигнати очекувања“, рече Тевдовски.

Експертите велат дека очигледно се поместиле работите на подобро. Велат дека 2019 треба да биде шанса што не се испушта, но мора да се интензивираат работите на терен.

„Тоа веднаш ќе се осети во првиот, псоебно во вториот квартал 2019, се разбира доколку поради претседателските избори или некои други негативни политички влијанија повторно не се влијае врз економијата со политичка алатка која би значела забавување на овој потенцијален раст“, вели Павле Гацов, експерт.

Статистиката покажува дека минатата година бруто инвестициите паднале за 7,2%. Гледано по сектори најголем раст имале дејности како уметност, забава и рекреација за 18,7%, стручните, научните и техничките дејности за 10,7% и трговијата за 9,2%. Градежништвото се зголемило за само 0,2%. Пад од 6,6% има кај информациите и комуникациите, а земјоделството завршило во минус од 5%. Вкупниот Бруто домашен производ односно вредноста на сите стоки и услуги произведени во земјава во 2018-та година достигнала 10,7 милијарди евра. Во последното тримесечје од 2018-та, невработеноста падна под 20% и сега изнесува 19,4.

Александра Спасевска

Shpërndaj me