Во земјава бројот на заразени од коронавирусот вчера порасна за 12, а со тоа вкупниот број на заболени со овој вирус моментално изнесува 148. Од новите заразени, седум се во Скопје, а пет во Куманово. Најмладиот пациент заболен од вирусот Ковид-19 во земјава е двегодишно дете од Скопје, а позитивни на овој вирус се и неговите родители, но сите се со лесна клиничка слика и се на домашно лекување.

Според местото на живеење, досега случаи на Ковид-19 се регистрирани во Скопје (88), Дебар (40) – од кои еден починат, Куманово (осум) – од кои еден починат, Штип (седум), Кавадарци (два), Охрид (два), Гостивар (еден).

На Инфективната клиника се хоспитализирани 29 пациенти кои се лекуваат стационарно, од кои во тешка општа состојба на респираторна машина е една пациентка, кај која во последните денови нема промена, шест се со потешка слика, но респираторно се самостојни. Амбулантски, како што информираше на вчерашната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче, се прегледани седум пациенти и земен е еден брис. Тројца пациенти имаат хоспитален третман, а тројца се на домашно лекување.

Од вчера Институтот за јавно здравје спроведува тестирање на сите лица кои беа во врска со директорката на Кожната клиника. Се работи за голема бројка, тие се се уште во изолација и за да нема оптоварување во лабораторијата, Филипче рече дека ќе се тестираат во неколку циклуси.

Од денеска е целосно укинат меѓуградскиот и градскиот превоз во Општина Куманово, а Владата од вчерашната седница даде препорака да се затворат сите продавници во полуотворените трговски центри кои не се молови.

Loading...

Shpërndaj me

Loading...