Републичниот обвинител Љубомир Јовевски денеска отиде во СЈО. Ги презема предметите на Специјалното обвинителство и оствари стварна надлежност врз сите активни судски случаи, истраги, предистраги, списи, како и над прислушуваните материјали. Физички предметите нема да се селат од седиштето на СЈО. Јовевски ветува дека во најкус можен рок ќе определи кој обвинител во судница ќе ги застапува обвиненијата на СЈО, дали обвинители од редовното или од Специјалното обвинителство кое е пред затворање.

„Ќе определиме за секој поединечен предмет кое обвинителство конкретно е надлежно, стварно и месно, да постапува по тој предмет и кој обвинител ќе го застапува конкретниот предмет“, рече Јовевски.

А, неизвесноста во СЈО продолжува. Обвинителите и останатите вработени не знаат што ќе се случува со нив после викендов.

„Ќе постапуваме така како што ќе биде наложено од страна на јавниот обвинител. Така што во моментов не можам да одговорам на тоа каде ќе бидеме ние и што ќе се случува со нас“, рече Елизабета Јосифовска – обвинителка во СЈО.

Улога во одлуката што понатаму со специјалните обвинители, ќе има Советот на обвинители кој треба да пресече дали обвинителите од СЈО ќе се вратат во матичните обвинителства од каде ги регрутираше Катица Јанева.

„Јас очекувам дека Советот на јавни обвинители во најскоро време ќе го реши нивниот статус – дали тие ќе се вратат во обвинителството од кое дошле“, додава Јовевски.

Правниот лавиринт во кој се најде СЈО создава хаос и во судниците. Нови три судења на СЈО денеска се одложија, откако исто се случуваше и во минатите денови со други случаи. Јовевски најави дека најверојатно и следните закажани рочишта за случаи на СЈО ќе бидат одложени сè додека не се реши кој обвинител ќе биде надлежен да ги застапува во судница.

Loading...

Shpërndaj me

Loading...