Претседателот Ѓорѓе Иванов повторно ќе го предложи Димитар Богов за гувернер на Народната банка. Владата пак е на цврст став гувернер да биде Фатмир Бесими, дознава Алсат М. Мандатот на Богов му истекува на 21 мај, а до тогаш претседателот треба до Собранието да предложи кандидат. Кој ќе седне во гувернерското столче ќе зависи од парламентарното мнозинство, бидејќи се бира со просто мнозинство. Од Кабинетот на Иванов за Алсат М велат дека во изминатите два месеца претседателот е во консултации со релевантни фактори од оваа област.

„Претседателот Иванов како и досега, така и во иднина, ќе се води исклучиво од квалитетот и професионалноста на личноста која ја предлага, со цел Република Македонија да добие гувернер кој најодговорно ќе ја извршува оваа многу значајна функција во државата за време на неговиот мандат“, велат од Кабинетот на претседателот на Р. Македонија

Поранешниот гувернер Љубе Трпески смета дека Владата и Иванов треба да најадат заеднички јазик, иако гувернерот го предлага претседателот.

„Не може Владата да предложи кандидат за Гувернер. Може само претседателот, но претседателот треба да внимава при предлогот да има парламентарно мнозинство кое што ќе го изгласа гувернерот. Во спротивно, ако он предложи кандидат, а пaрламентарното мнозинство не го изгласа тогаш е лошо и за функцијата гувернер и за личноста и за земјата во целина. Еден вид политичка криза ќе настане“, смета Љубе Трпески, поранешен Гувернер на Народната банка

Извори на Алсат М од Владата велат дека доколку нема согласност околу кандидатот за гувернер, можно е да се тргне кон измени на Законот за Народна банка. Трпески вели да не се оди со вакво решение.

После макортрпни напори во минатото кога се носеше Законот за Народна банка се издејствува Народната банка во поглед на независноста и од Владата и од Парламентот да е на слично или еднакво рамниште како и најнезависните Централни банки во светот“, вели Трпески

Од СДСМ и од ДУИ денеска не добивме став како би гласале ако Иванов даде само свој предлог. Од ВМРО – ДПМНЕ пак велат дека доколку кандидатот е компетентен тогаш ќе го поддржат, а предлогот од Претседателот ќе го разгледува Извршниот комитет на партијата. Гувернерот Димитар Богов во Собранието беше избран во март 2011 година со 62 гласови на коалицијата на ВМРО – ДПМНЕ, со мандат од седум години. Гувернерот го бира Собранието со просто мнозинство. Според експертите, доколку се случи во предвидениот рок Собранието да не изгласа гувернер, тогаш Советот на Народната банка ќе ја преземе функцијата на водење на монетарната политика во земјата на одреден период.

Александра Спасевска

Shpërndaj me