Најголемиот број на невработени лица во земјава се граѓани кои не се заинтересирани за вработување, неактивни се во барањето работа, или пак станува збор за  високо образовни профили на луѓе кои не прифаќаат работа пониска од нивните квалификации, сметаат од Стопанската Комора.  Платата, велат не им е важна на овие луѓе се додека не најдат соодветно вработување. На промоцијата на Оперативниот план за вработување на владата, бизнисмените не издвоија ниту една забелешка и истакнаа дека планот е според нивната мерка.

„Навистина не сакаат да работат со пониски квалификации иако платите кои се нудат се нудат од страна на компаниите се повисоки. Има компании кои што нудат 30 илјади, но не можат да најдат затоа што сметаат дека подобро им е да седат дома од колку да бараат работа“, вели Наташа Јаневска, Стопанска комора.

И оваа година во изработката на планот за вработување поддржан со државни пари не се вклучени образовните институции. А тоа е едно од најчестите барања на експертите, бидејќи според нив на тој начин ќе се обезбеди кадар кој му треба на  стопанството. Од Агенцијата за вработување велат дека планот го правеле работодавачите, синдикатите и власта. Од ресорното министерство  Алсат доби потврда дека професорите не биле дел од работните групи за подготовка на планот за вработување со образложение дека бизнисмените најдобро знаат што им треба во нивните фирми.

„Министерството за труд и социјална политика како носител на оперативниот план најверојатно ги има вклучено сите субјекти и партнери кои што смета дека ќе дадат ефект во позитивна насока на реализација на оперативниот план“, рече Билјана Јовановска директорка на Агенцијата за вработување.

Од први март, Германија ги отвора вратите за работници од земји кои не се од Европската Унија. Па затоа добар дел од стопанствениците стравуваат дека иселувањето на младите работоспособни лица ќе се зголеми, а со тоа вештачки ќе се намали и стапката на невработеност во земјава бидејќи тие лица ќе бидат дел од пазарот на труд на најмоќната европска економија. Официјалната стапка на невработеност во моментов е 17 отсто

Иле Петревски

Loading...

Shpërndaj me

Loading...