Власта да си остане на зборот и до 2021 година да го изгради автопатот од Кичево – Охрид, бараат од туристичкиот и бизнис-секторот од Охридско струшкиот регион. Сметаат дека изградбата на оваа автопатска делица која е важна, не само за развој на бизнисот, туку и за туризмот како економска гранка треба да се забрза. Никој веќе не сака да патува по 3 и 4 часа од едниот до другиот крај на државава.

Голем дел од  младиот свет веќе не сака да патува по 3-4 часа од Охрид до Скопје. Во нормални држави на пример Словенија 150 километри ги патуваш за еден ипол час, а не за 3 часа. Јас очекувам, не до 2021, туку владата уште од почеток, после 15 јануари, после уставните измени веднаш кои се услов за почеток на Македонија за влез во НАТО и продолжување на преговорите со европските партнери, да посвети внимание и тоа посериозно на овие општествени потреби, бидејќи не е само автопатот“- изјави Мевмед Џемаилоски- бизнисмен од Струга.

Хотелиерите пак со уште по цврсти барања до власта. Велат дека првата слика која ја имаат странските гости поради оставениот и недоизграден автопат не е добра.

Уште сега да кажам и да апелирам до владата и до сите институции кои се надлежни за правење на делот на автопатот. Треба да се направат напори од потегот на аеродромот кон Охрид како и влезовите на Охрид и влезовите на Струга да бидат завршени до идната сезона 2019 година. Со оглед на тоа дека гостите ни доаѓаат 70% со авионски превоз барем тој дел да го имаме средено и ќе имаме една нова слика“- рече Крсте Блажески-претседател на Хотам.

Според сликата од терен, градбата на автопатот сè уште се одвива со забавено темпо без поголемо присуство на работници и механизација. Инаку со третиот  анекс на договорот на државата со кинеската компанија Синохидро е утврдена потреба од дополнителни 178 милиони евра за оваа автопатска делница. Со тоа изградбата на целиот автопат долг 57 километри ќе чини 598 милиони евра. Со новиот анекс Синохидро треба да изгради девет клучки кои претходно не биле предвидени, како и алтернативен пат од Пресека до Арбиново, да изведе дополнителни работи во тунелот Пресека. Првично автопатот беше планирано да биде готов до јануари 2018 година.

Мики Трајковски

Loading...

Shpërndaj me