Владата под итно мора да изработи национална стратегија за економија. Во спротивно, најавата дека во периодот што следи ќе се испорачаат сериозно позитивни резултати, ќе останат само неостварена желба.

Бизнисменот Горан Рафајловски вели дека нема стопанственик кој не сака економијата да испорачува повисок раст од владината прогноза, но од лоши и промашени години бизнисот е веќе изморен. Национална стратегија за економијата е две години старо ветување на владата, уште од предизборието.

„Крајно време е да се испорача нешто, бидејќи вака економијата на Македонија нема светла иднина, без разлика на големите најави, за НАТО за ЕУ. Мора да се има национална стратегија, која ќе ја изгласаат сите партии во Собранието на Македонија и која понатаму ќе биде единствен патоказ за нивните програми и остварувања за време на мандатот“, рече Горан Рафајловски, стопанственик.

Проблематично е тоа што во економскиот тим на владата постои разногласие и бизнисот не може конкретно да препознае по кој па се движи економијата во земјава, вели Рафајловски. Според него, доколку дијаметрално спротивните мислења и ставови на министрите и вицепремиерот на почетокот се презентираа како повисоко ниво на демократија, сега по две години таквите постапки се проблем за планирање на идните инвестиции и бизнис планови.

„Не можете на стопанството од две страни да му земате, поточно од три. Првата страна е зголемување на даноците и тоа влијае на вкупните бројки на компаниите. Зголемување на кириите уште повеќе ги оптерети малите фирми, иако се велеше дека нема. Друго, да ги терате да ја зголемат плата, може една мерка или друга, двете заедно не одат, или не се остварливи. И сивата економија која е најголемата дупка во Македонија“, додава Рафајловски.

А, од владата се големи оптимисти дека годинава ќе се испорачаат економски рекорди, а со тоа и ќе се подобри животот на граѓаните. Веќе на неколку пати Владата излезе со пофалби на прес конференции каде се објавуваше дека на историско најниско ниво падната е стапката на невработеност, дека платата континуирано расте. Премиерот Зора Заев очекува земјава да стане пример за економија во Европа, а странските инвеститори да бараат парцела  повеќе за изградба на нови производствени капацитети.

Бизнисмените сепак се далеку поскептични и сметаат  дека владата не  размислува реално. Колку и да биде успешна годината велат нема да се случи нешто драстично. За посериозна промена на стандардот е потребен неколку годишен континуиран раст на БДП од над пет отсто кој во земјава со ова темпо е речиси и невозможно  да се оствари.

Иле Петревски

Loading...

Shpërndaj me