Економијата во Македонија ја очекува период од најмалку шестмесечна стагнација, оценуваат од бизнис секторот. Изборниот период кој е пред нас веќе ги замрзна предвидените проекти на стопанствениците. Дополнителен проблем за бизнисмените е и играњето „топло – ладно“ на власта со даночната политика. На прашањето дали приватниот сектор е подготвен за раст на платите и за новиот зголемен минималец, Арсовска вели дека сè што е вештачки наметнато, не е добро.

„Сите проекти, а особено оние кои беа подолгорочни веќе се во фаза на застој особено имајќи ги во предвид новите политики и најави дека извесни законски решенија ќе се менуваат особено во делот на промената на прогресивниот данок. Верувам дека компаниите, особено ние кои бевме конзистентни од самиот почеток дека не треба да се избрзува со вакви значајни реформи кои беа најавени како мини-даночна реформа, но импликациите кои ги имаа врз бизнис секторот беа навистина големи“, рече Данела Арсовска, претседателка на ССК.

Но, вицепремиерот Кочо Анѓушев е убеден дека домашната економија има големи придобивки од актуелните владини проекти и очекува раст на инвестициите следната година.

„Оваа година Законот за финансиска поддршка на инвестициите сум радосен дека профункционира одлично, првата година можеби функционираше со една недоверба од страна на бизнис-заедницата, меѓутоа оваа година потпишавме нови 120 договори со домашни компании и тие договори практично гарантираат во следниот период инвестиции 230 милиони евра“, рече Анѓушев.

Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска вчера најави дека прогнозата на  НБРМ за економскиот раст на Македонија за годинава е 3,5 отсто, а поголем оптимист е за идната година коа растот на БДП би бил 3,8. Бежоска е свесна дека економијата ја очекува нов изборен процес во кој неизбежна е стагнацијата, но вели тоа ќе биде на краток рок. Но, од Сојузот на стопански комори се скептични дека ќе се оствари прогнозата на Народната банка бидејќи нема основ стапка на раст да се искачи на 3,5 отсто.

Иле Петревски

 

Loading...

Shpërndaj me

Loading...