Бизнисмените од индустриската зона Визбегово старите проблеми ги кажаа и на новата власт. Побараа Владата да разграничи во чија надлежност е овој дел од градот, со што би се олесниле процедурите околу трошоците кои овие инвеститори ги имаат при градење на нови објекти. Бараат булеварско решение за главниот пат кои минува низ оваа индустриска зона како и поврзување со автопатот кон Косово.

„Приоритет се проблемите од инфраструктурата, почнувајќи од канализација, водовод, енергетска инфраструктура. На ова ќе ставиме акцент, но ќе побараме и да се видат можностите за градба и урбанизација во некои делови од оваа зона“, рече Таип Јакупи – бизнисмен.

Барањата на стопанствениците од оваа индустриска зона ги слушаше и градоначалникот на општина Бутел Велимир Стојковски. Тој рече дека знае за проблемите и заедно со Владата веќе бараат решение за брзо отстранување на недостатоците, со што ќе им се овозможи еднаков третман на инвеститорите.

„Во Буџетот за 2018 влегува и инфраструктурата за оваа зона. Ќе се забрза процесот за носење на гасификација овде… (7-45) Ќе се изработи план за целосна атмосферска канализација, довод на водовод таму каде го нема, поставување на нови светла, како и поставување на сигнализација оти Визбегово е единствена зона каде нема ниту еден патоказ“, изјави Велимир Стојковски – градоначалник на општина Бутел.

Стојковски вели дека првите три месеци од наредната година ќе бидат за подготовка на проектна документација и на плановите, по што треба да следи и изградба. Очекува целосно решавање на инфраструктурата за година и пол. Инаку, во зоната Визбегово работат околу 200 компании кои вртат околу 300 милиони евра, а немаат вода и канализација.

Поголемите компании секој месец за чистење на септичките јами даваат по илјада евра. Магистралниот пат кој минува низ оваа зона е во очајна состојба. Утре, сите овие проблеми претставници на оваа зона ќе ги кажат и на градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, а помош во понеделник ќе бараат и од премиерот Зоран Заев.

Верица Павлоска

Loading...

Shpërndaj me

Loading...