Додека бизнис-заедницата алармира дека расте сивата економија, Законот за прекршочна постапка со кој треба да се регулира казнената политика, сè уште е во нацрт-верзија. Бизнисмените велат дека не се казнуваат фирми и цели погони коишто работат „на црно“ и им наштетуваат на компаниите коишто редовно плаќаат даноци и работат според закон. Законот за прекршочна постапка кој беше најавен од новата Влада уште минатата година треба ја ублажи казнената политика и да ја засили контролата кај сивата економија која во Македонија учествува со над 25% од економијата, а која најмногу расте во градежништвото и индустријата.

„Сметам дека со мала примена на репресивна сила би требало да биде позитивен знак кај регистрираните субјекти да знаат дека нешто се превзема во нивна корист, во нивен интерес и знам дека истото кај нив ќе резултира со тоа што ќе причекаат и ќе продолжат да си го работат она кое што го планираат, а не за сметка на оние коишто се на пазарот на сиво“, изјави Данела Арсовска, претседател на Сојуз на стопански комори.

Од Управата за јавни приходи пак велат дека нацрт-верзијата на Законот за прекршочна постапка е во фаза на разгледување во институциите. Нема конкретен рок кога се очекува да биде готов и доставен до Собранието. Од УЈП сепак нагласуваат дека се неопходни промени во критериумите како се изрекуваат казните.

„Во одреден сегмент и некаде има преголеми казни за одредени прекршоци, а некаде има премали казни за одредени прекршоци и не секоја неправилност треба да се детектира како прекршок“, вели Сања Лукаревска, директор на Управата за јавни приходи.

Анализата на Сојузот на стопански комори покажува дека сивата економија расте во последниве три години. Тоа, според истражувањата, најмногу се должи поради политичката нестабилност, но и слабата координираност на државните сектори по доаѓањето на новата влада.

 

Александра Спасевска

Shpërndaj me