Движењето Беса, односно крилото на Африм Гаши, кое ден претходно одлучи да стане дел од владиното мнозинство, го разгледува името на кандидатот кој ќе раководи со Министерството за култура. Утре се очекува повторно да се состанат партиските органи по што јавноста ќе дознае кој ќе биде новиот кандидат за министер за култура. Преговорите за пониските ешалони ќе продолжат.

„Нам ни беше доверено да раководиме со ресорот културата и тоа за нас е голема чест бидејќи ова место кое беше забетонирано во последниве години, треба да се ослободи за да ги одразува вистинските културни и духовни вредности кои, за жал, досега или беа покривани или заборавани. Треба да се нагласи дека нашето учество во оваа Влада е повеќе стратешко отколку процентуално“, изјави Африм Гаши, претседател на Движењето Беса

Извори од Беса откриваат дека партиското централно собрание веќе ги знае имињата на министерот за култура и на едно заменик-министерско место. Анонимни извори ни откриваат дека министерот ќе му припадне на тетовското крило на БЕСА, додека заменик-министерот ќе дојде од Куманово. Освен Движењето Беса и ДПА на Мендух Тачи му се приклучи на мнозинството, со што ја обезбеди позицијата министер за странски инвестиции со која ќе раководи Бардил Даути. ДПА ќе има и заменик-министер за транспорт и врски, за каде ќе биде именуван Мусадик Беќири. Неофицијално, ДПА се очекува да раководи со над 15 управи. Договор е постигнат и со Сојузот на Ромите, односно со партијата на пратеникот Амди Бајрам која нема да има министерски места. Преговорите продолжуваат и со ДУИ, каде што неофицијално во игра е рокада на Министерството за здравство со образование или земјоделство. До крајот неделава премиерот Заев очекува имињата да бидат испратени за одобрување до Собранието. Дел од Владата нема да биде БЕСА на Биљал Касами. Потребата за проширување на парламентарното мнозинство дојде откако од власта си замина Алијансата за Албанците на Зијадин Села.

Адријан Керими

Shpërndaj me