Банките утре ќе се состанат на состанок за да донесат став во врска со предлогот на Владата да воведат оданочување на каматите на штедните влогови. Иако експертите алармираат дека на овој начин ќе се намали интересот за штедење, од власта уверуваат дека ударот врз даночните обврзници нема да биде голем.

Банкарите утре ќе излезат со став за даночните измени коишто викендов ги најави Владата. Македонската асоцијација на банкари ќе одржи состанок на кој ќе се дебатира за ефектите од воведувањето на прогресивниот данок врз каматите на штедните влогови. Заклучоците и забелешките потоа ќе ги достават до Министерството за финансии. Според предлог-верзијата на Законот за данок на доход, почнувајќи од 2020 година, со 15 отсто ќе се оданочуваат каматите од орочени штедни влогови од сума над 15.000 денари или 250 евра.

Тоа би значело дека ако некој има орочен штеден влог од 30.000 евра, со просечна каматна стапка од околу 1 насто годишно, тој би имал камата од околу 300 евра годишно. Со новото предложено прогресивно оданочување за каматата до 250 евра нема да се пресметува данок, додека останатите 50 евра ќе се оданочат со 15 отсто.

Експертите изминативе неколку дена алармираа дека иако оваа даночна прогресија ќе се одложи за 2020 година, тоа ќе резултира со намален интерес да се штеди во банка. Експертската јавност сепак вели дека се усложнува и постапката ако едно исто лице има штедни влогови во повеќе банки. Дали данокот ќе го плаќа месечно или годишно?

„Единствено решение во ваков контекст, освен ако не се тргне во авантура со скап-софтвер, би било на крајот на годината, преку секоја сметка која ја има во рамките на УЈП, преку електронскиот образец за пресметка, сам ако го пробие износот од 15.000 денари, да добие решение за доплата за плаќање на персонален данок на доход на камати.“ Изјави, Павле Гацов, даночен експерт

Гацов вели дека сепак УЈП има механизам за контрола затоа што согласно Законот за банки има увид во сите сметки на сите граѓани во сите банки. Согласно новото предлог-законско решение, од 2020 година данок на доход со стапка од 15 отсто граѓаните ќе плаќаат и на дивидендите, на каматите од депозитите, на каматите од заеми на физички и правни лица, на каматите од хартии од вредност и друг доход од хартии од вредност.

Aлександра Спасевска

Loading...

Shpërndaj me