Сѐ поголем број граѓани на Македонија вложуваат сериозни суми пари во биткоини и други криптовалути иако Народната банка во неколку наврати предупреди дека вложувањето во нив не е дозволено. Станува збор за тренд кој е присутен во сите земји од регионот. Универзитетскиот професор од Словенија, Јака Видњал вели дека криптовалутите се реалност и државите мора да ги прифатат и да се обидат правно да ја регулираат оваа област.

„Работата е дојдена толку далеку што не може некој едноставно да каже дека од тоа нема да биде ништо. Веројатно ќе мора да следи регулација и во Европската Унија и во регионот за да се постават некакви правила на игра. Од друга страна, постои можност тоа да се забрани, како што направија некои држави. Според мене, тоа е голема штета и да се забрани нешто што започнало на овој начин сигурно не е во рамките на демократското однесување“, рече  Јака Вадњал, универзитетски професор.

Вадњал раководи со мала банка во Словенија која е првата комерцијална банка во Европа која почна да врши продажба на биткоин и етериум на своите банкомати. Ние сме само посредници, бидејќи мислиме дека е подобро луѓето да купат криптовалута од банка отколку од некоја сомнителна интернет страница, објаснува Видњал.

„Тоа го нудиме како една од опциите. Значи не е само подигнување готовина туку може и некои други услуги. Луѓето можат да купат биткоини или етериуми на нашите банкомати“, додава Вадњал.

За сега, за нив може да се плати само со платежна картичка. На пример, ако дојде некој од Македонија, може на својата картичка да подигне одреден износ евра и со нив да купи криптовалути. Биткоинот деновиве ја надмина психолошката граница од 5.000 долари и многу луѓе се офајдија, но Вадњал повикува на внимателност кога се инвестира во криптовалути.

„Јас сум убеден дека се работи за некој балон кој може би ќе пукне, а може би само полека ќе издиши, ама тоа сигурно не е најголема инвестициска шанса во последните сто години, како што некои го претставуваат. Мислам дека народот ќе почне да бара од владите да направат регулатива за да бидат сите заштитени“, оценува Вадњал.

Во Словенија има десетици веб страници за интернет трговија кои примаат криптовалути, а има интерес и кај угостителски објекти и продавници да го користат биткоинот како платежно средство. Вакви најави имаше и во Македонија, но не се реализираа.

Мирко Трајановски

Loading...

Shpërndaj me

Loading...