Македонската банкарска асоцијација од Владата бара најавената даночна реформа која се однесува на оданочување на доходот од камати на депозити на граѓаните, да се одложи до влезот на Македонија во Европската Унија. Банкарите сметаат дека само така ќе се задржи позитивниот тренд на штедењето, но и ќе се обезбеди свеж капитал за стопанството.

Од банкарскиот сектор велат дека за една ваква реформа е потребна поширока расправа, па во дописот до медиумите истакнаа дека ќе побараат средби во Министерството за финансии за подетално да ги презентираат своите ставови.

Македонска банкарска асоцијација:

…Во однос на прогресивното оданочување цениме дека е потребна поширока расправа поради унапредување на предлогот со вклучување на позитивни искуства од земјите каде е веќе во примена.“

Од Министерството за финансии остануваат на ставот дека промената на даночната политика која ќе се одрази и врз штедните влогови на граѓаните, нема негативно да се одрази врз банкарскиот сектор. Граѓаните и натаму ќе штеделе и немало да има масовно подигнување на заштедените пари, уверуваат од финансии. Но, освен што ниту експертската јавност не се согласува со овие тврдења на властите, познавачите на оваа проблематика наведуваат уште една дилема. Имено, новите правила би ја проблематизирале и усложниле постапката ако едно исто лице има штедни влогови во повеќе банки. И уште нешто – дали данокот ќе се плаќа месечно или годишно?

„Единствено решение во ваков контекст, освен ако не се тргне во авантура со скап-софтвер, би било на крајот на годината, преку секоја сметка која ја има во рамките на УЈП, преку електронскиот образец за пресметка, сам ако го пробие износот од 15.000 денари, да добие решение за доплата за плаќање на персонален данок на доход на камати“, вели Павле Гацов, даночен експерт.

Даночната реформа предвидува со 15 отсто да се оданочуваат каматите од орочени штедни влогови од сума над 15.000 денари. Тоа значи, во случај едно семејство во банка да има штеден влог од 30 илјади евра со просечна каматна стапка од 1 насто годишно, тоа семејство би имало камата или добивка од 300 евра годишно. Според прогресивното оданочување, за добивката до 250 евра нема да се пресметува данок, додека останатите 50 евра ќе се оданочат со 15 отсто. Оваа реформа владата планира да почне во 2020 година.

Иле Петревски

Loading...

Shpërndaj me