Владата и опозицијата се скараа колку изнесуваат директните странски инвестиции во првиот квартал годинава. Претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вчера обвини дека во првите три месеци од годинава имаме само 21 милион евра, што е најлош прилив на странски капатитал во последните 10 години.

Според него и оној прилив кој го имаше лани е резултат на реинвестирана добивка на странските фирми кои што веќе работат во земјава. Вицепремиерот Кочо Анѓушев пак, денеска на прес конференција му одговори на Мицкоски дека не ги познава економските текови и дека прави само дневно политички ПР. Во првиот квартал според Анѓушев има најголем прилив на странски капитал донесен за инвестиции во земјава.

„Оваа година капиталот на странски фирми кој што во нашата држава донеле пари да градат фабрики, значи странски фирми кои донеле пари за да инвестираат во нашата држава во првиот квартал годинава изнесуваат 78,8 милиони евра. Истата таа категорија, во 2018 година се 13 милиони евра, во 2017 се 12,6 милјони евра, во 2016 година се 20 милиони евра…“, рече вицепремиерот Анѓушев.

„Приливите по основ на директни инвестиции се ниски и најчесто доаѓаат од фирмите кои веќе работат во Република Македонија. Нови инвестиции воопшто и да нема. Во февруари на пример имало одлив на капиталот од директните странски  инвестиции во износ од 300 илјади евра“, изјави Христијан Мицковски, претседател на ВМРО ДПМНЕ.

Според податоците на Народната банка на Македонија директните странски инвестиции во првиот квартал изнесуваат 29,6 милиони евра откако ќе одбијат должничките инструменти од минус 142 милиони евра, директното вложување меѓу две поврзани фирми што изнесува минус 23,5 милиони, повратни вложувања од плус 126,5 милиони и директно вложување на инвеститорот од плус седум милиони евра.

На прашањето зошто вкупната бројка кај Народната банка е помала или околу 30 милиони евра, Анѓушев одговори дека компаниите испорачале производи од нашата држава, но не ги наплатиле од своите мајки фирми и тоа изнесува 178 милиони евра. Анѓушев индиректно го повика Мицковски да дебатираат како се пресметуваат странските инвестиции.

Александра Спасевска

Loading...

Shpërndaj me

Loading...