Антикорупциската комисија прави анализа за тоа колку функционерите ги чинат граѓаните. Врз основа на првичните податоци, тие веќе подготвуваат предлог со кој ќе побараат да бидат укинати нивните привилегии и да згасне правото на апанажа.

„Ние навистина не сме толку богата држава што можеме да си дозволиме такви луксузи. Конкретно ме прашавте за апанажата, која е фукцијата на апанажата. Ако некој бил фукционер се подразбира дека тој бил стручен за да ја обавува таа функција значи тој бил експерт во својата област по кој основ тој треба да прима апанажа, што е тој социјален случај. Тој е стручен, ќе си најде работа понатаму, имаме социјални случаи еден куп во државата нема потреба да трошиме пари за апанажа“, рече Билјана Ивановска, претседател на ДКСК.

Последните месеци бројот на пријави на граѓани кои се соочиле со корупција се зголемил. Најголем процент, според анализите има во судството, преку вработувањата и носењето на судски одлуки. За намалување на корупцијата во државата според Ивановска потребно е подигнување на свеста кај граѓаните и институциите.

„Има истражувања кој што покажуваат дека во судството е најизразена корупцијата, па понатаму иде здравство, царина, и така натаму. Од она ние што го добиваме како предмети се потврдува оваа констатација. Со тоа што исто така имаме голем број на премети во делот на вработувањата“, додава Ивановска.

Според Ивановска последните измени во законот на укажувачи, во кои граѓаните се целосно заштитени придонесуваат граѓаните полесно да пријават корупција. Во моментов има 12 предмети кои се во завршна фаза и наскоро ќе бидат достапни за јавноста.

Андреа Чобанова

Loading...

Shpërndaj me

Loading...