Денарот е стабилен, а монетарната стратегија на одржување стабилен курс на денарот во однос на еврото е оптимална за нашата економија и компатибилна со нејзините структурни карактеристики, оценува во изјава за МИА, гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска по повод 27 години монетарна самостојност и воведување на денарот.

-И денес, на денот кога пред дваесет и седум години беа донесени повеќе закони со кои се создадоа предуслови за осмислување и примена на самостојна монетарна политика од страна на Народната банка, со сигурност можам да потврдам дека денарот е стабилен. Монетарната стратегија на одржување стабилен курс на денарот во однос на еврото е оптимална за нашата економија и компатибилна со нејзините структурни карактеристики. Курсот на денарот постојано е во согласност со нивото што го налагаат економските фундаменти, изјави гувернерката.

Таа истакна дека оваа констатација, што редовно ја потврдува и ММФ е уште една потврда дека Народната банка го има избрано вистинскиот пат за остварување на своите цели. Оценува дека стабилноста на домашната валута директно придонесува за ниската и стабилна инфлација и за стабилниот финансиски систем, кои пак се важни предуслови за креирање поволен амбиент за поддршка на економскиот раст.

-Од моментот кога се креираше институционалната рамка на монетарниот систем на земјава и кога се воведе денарот како парична единица, па до денес, Народната банка успешно одговори на бројни предизвици од различна природа. Сето она што е постигнато досега е резултат на влогот што го остварија многу наши колеги – посветеници на централноабанкарското работење кај нас. Постигнатото е резултат и на влогот на сите наши претходници кои во судбоносни моменти донесоа исправни одлуки, посочи гувернерката.

Таа потенцира дека тие кои денес го сочинуваат тимот на Народната банка, веќе одлично чекорат кон Европскиот систем на централни банки. -Катадневно, вели, сме посветени на усвојување и на највисоките меѓународни стандарди во различни сфери од централнобанкарското работење. Во Програмата на Народната банка за оваа година се предвидени голем број активности и проекти, од кои некои веќе се започнати. Верувам дека со нашата целосна посветеност и со напорите што ги вложуваме и ќе ги вложуваме за воведување новитети и за натамошни унапредувања, и натаму успешно ќе се движиме до целта кон која води патот што го имаме избрано – европското централнобанкарско семејство, вели за МИА гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска./миа/

Loading...

Shpërndaj me

Loading...