Алијансата на Албанците го презеде Советот на општина Гостивар. Досегашниот претседател од редовите на ДУИ, Насир Муслиу, поднесе оставка. За нов претседател е избран Бесим Мемеди. Причини за оставката, според Муслиу, се притисоци од градоначалникот Таравари.

„Преку општинскиот секретар ме информираше дека формирале мнозинство во Советот и нормално, побара од мене да се повлечам. Но, паничното постапување на градоначалникот, кој не беше сигурен дека ги има потребните гласови, настапи со насилство кое не му доликува поради позицијата која ја има како градоначалник. Во моментот кога влезе во салата рече – Повлечи се имам мнозинство, зошто не се повлекуваш? Јас очекував дека ќе дојде во салата да ја покаже оставката и да дојде новиот претседател на советот“-изјави Насир Муслиу, претседател на Советот на општина Гостивар во оставка.

Но, градоначалникот Таравари ги отфрла ваквите обвинувања на Муслиу. Според него, формирањето на новото мнозинство во Советот, откако еден од советниците на ВМРО-ДПМНЕ преминал во коалицијата предводена од Алијансата за Албанците, било одлучувачко за оставката.

„Јас уште пред еден месец му кажав дека имаме ново мнозинство, дека имаме 16 советници и тој самиот ми кажа кога ќе имаме 16, самиот со задоволство ќе се повлече. Денеска имаме 16, но тој ја продолжи работата за ситуацијата да се заостри, а тоа не го посакувавме. Затоа го замолив, после две години да излезе и да поднесе оставка, бидејќи имаме ново мнозинство и сите институции кои се поврзани со општината беа блокирани поради општинскиот совет“-рече Арбен Таравари, градоначалник на Гостивар.

Со овие промени во Советот на Гостивар, коалициските партнери СДСМ и ДУИ имаат 15 советници, а коалицијата Алијанса за Албанците – ВМРО, 16.

Loading...

Shpërndaj me

Loading...