Потребна е поголема контрола на трошењето на јавните пари и нивна правична распределба. Владата треба да ги насочи јавните финансии кон зголемување на вработеноста и на продуктивноста а неопходни се и поголеми инвестиции во човечки капитал, образование, здравство и во социијалната сфера. Ова се само дел од забелешките на академик Абдулменаф Беџети. Тој смета дека има буџетски корисници кои нерационално се однесуваат со јавните пари и за тоа се потребни посилни механизми за контрола на трошењето.

„Сѐ уште има градоначалници кои се однесуваат ноншалантно, сѐ уште имаме  директори на културни домови, на театри на не знам какви институции кои земаат јавни пари, а се однесуваат како тоа да се нивни пари, а не наши, на сите граѓани. Токму поради ова треба да се направи огромна фискална дисциплина“, вели академик Беџети.

Меѓународните институции сметаат дека уште многу е потребно да се направи во собирањето и трошењето на народните пари за да се постигне праведен раст.

„За обезбедување праведна распределба на приходите потребно е да се задоволат четири прашања. Унапредувањето на вработувањето за да се намали стапката на невработеност и да се подобри пазарот на турдот, јавното инвестирање кое е клучно за развојот, да им се дадат еднакви можности на граѓаните во образованието и во здравството и да се работи на иновативност“, рече Самуел Жбогар, ЕУ.

Од ММФ сметаат дека за да се обезбеди праведен раст треба да се намалуваат даноците за работната сила, како и на каматните стапки на кредитите за компаниите со што ќе им се даде можност да инвестираат во нови технологии и во продуктивноста. Министерот Тевдовски рече дека Владата работи на праведна распределба на јавните финансии. Тоа, според него ќе влијае на зголемување на животниот стандард на сите граѓани, а не само на мал дел од нив.
Според експертите, на земјите од Западен Балкан им се потребни пет декади за да го постигнат животниот стандард кои го имаат граѓаните во Европската унија.

Александра Спасевска

Loading...

Shpërndaj me