Адвокатка Марта Гусар од Скопје денеска поднесе две тужби до Управниот суд, во кои бара да се поништи изборот на два актуелни члена на Судскиот совет кој датира од 2013 година. Станува збор за мандатите на Лидија Каначковиќ и Виолета Богојеска, кои беа избрани на предлог на Парламентот и на Претседателот на државата. 

Во тужбите кои ги доби и Алсат-М, адвокатката Гусар аргументира дека пред изборот и Каначковиќ и Богојеска биле судијки. А, според Уставот и законите, судии не можат да бидат избрани во Судскиот совет на предлог на Собранието или Претседателот, туку само истакнати правници со 15 годишно искуство. 

Дел од тужбата:

На овој начин Собранието го заобиколува овој услов и избира членови на Судскиот совет од редот на судиите при што воопшто како услов не ги третира оцените од вршењето на судиската функција и овозможува судии кои не добиле највисоки оцени да бидат избрани.

Во тужбите се бара и Управниот суд да донесе решение за времена мерка, со што двете членки на Судскиот совет би биле изземени од одлучување во Советот, се до конечна одлука. Адвокатката Гусар, вели дека ќе го почека епилогот за решението, пред и јавно да ги изложи сите свои аргументи. 

Изборот на управните судијки во Судскиот совет беше проблематизиран и досега, но сега за прв пат тргнува во институционална разрешница. Во случај тужбата да биде прифатена, очекувано е да бидат проблематизирани многу, ако не и сите одлуки на Судскиот совет во изминативе години. Целиот случај доаѓа во период на подготовка на уште едни измени Законот за судски совет но и пред следните избори на членови на Судскиот совет кои треба да бидат на предлог на Претседателот и на Собранието.   

Shpërndaj me