Некогаш елитен авто-камп, а денеска вистински хорор. Вака изгледа кампот Треска кај Струга. Целосно уништена инфраструктура, искршени дрвени куќарки, уништени и украдени камп-приколки и пропаднати санитарни јазли. Некогашното омилено место на бројните домашни и странски гости, изградено во 1976 година, денеска е само споменик на тешката и болна транзиција.

Додека охридско-струшкото крајбрежје сè повеќе се соочува со масовно градење нови објекти и со уништување на животната средина, готови капацитети како овој камп, неповратно пропаѓаат.

И од поранешниот ресторан во авто-кампот Треска кај Радожда повеќе нема ништо. Целиот објект пропаѓа иако порано бил наменет не само за одржување на свечености, туку и за гостите кои престојувале кампот.

Од убавите времиња сега останале само спомените на кои се потсетуваат локалните жители.

„Околу 1995 година кога Треска како фабрика го фржеше, пропадна. Пред тоа имаше туристи, имаше раздвиженост и потоа го откупија наводно некои Грци. Сега нема пристап, нема ни струја, ни приколки…“

„Ливадишта беше нула за Треска. Го искрадоа. Ние таму живеевме, јадевме, пиевме. Пола село беше вработено таму…“

„…Тоа беше многу убаво. Тука околу 20 луѓе имаше вработено. Имаше чувари од Радожда, имаше болничка амбуланта“, велат жителите на Радожда.

Треска располагаше со околу 300 камп-приколки, 40 бунгалови и апартмани и исто толку хотелски соби. Авто-кампот денес е место каде, како што сведочи населението во регионот, се случуваат нелегални активности.

„…Наидуваме на шприцови. Треска не постои, само на хартија е веќе. Многу работи се случуваат таму, просто да ти е страв одиш таму. Не е тајна дека и дрога има кај Треска“, додава еден жител на Радожда.

Во транзицијата во ’90-ттите авто-кампот почнал да пропаѓа. Во 1997 година престанал да работи и заминал во стечај. Од Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот под чија надлежност е издавањето на дозволи за авто-кампови велат дека на ниво на цела држава, од вкупно 14, само пет авто-кампови се во добра состојба.
Голем дел од нив имаат нерасчистени имотно-правни односи и тоа, како што велат во Агенцијата е најголем проблем за да може да се инвестира во нив за некои повторно да заживеат.

Мики Трајковски

Loading...

Shpërndaj me

Loading...