Без сечење на лента и после скоро две години одложување денеска возачите конечно можат да возат по новиот автопат Миладиновци-Штип, кратко информираше Авто-мото сојузот. Од Агенцијата за патишта не одговорија зошто немаше официјално пуштање во употреба на новата долгоочекувана автопатска делница кон источна Македонија за која јавноста со месеци чекаше информација. Директорот Зоран Китанов кратко за медиумите одговори – автопатот е пуштен бидејќи биле исполнети условите.

„Почитувани, автопатот е пуштен со исполнување на условите за тоа. Најважно е граѓаните да возат безбедно по новиот и модерен автопат. Се замолуваат учесниците во сообраќајот да ја почитуваат сообраќајната сигнализација“, рече Зоран Китанов, директор на Агенција за патишта.

До крајот на годината нема да се наплаќа патарина на новиот автопат долг 47 километри. За десетина дена треба да биде објавен тендер на изградба на двете патарини. Откако ќе бидат изградени, на едната ќе се наплатува 50 денари, а на другата 70.

Автопатот кон Штип почна да се гради во 2014 година. Чинеше 200 милиони евра. Изведувач на градежните работите беше кинеската компанија Синохидро. Според првите најави, тој требаше да биде пуштен во употреба во мај 2017 година, но потоа рокот беше продолжен до есента 2018-та. Оттогаш до денеска од власта многу пати даваа разни датуми кога автопатот ќе биде пуштен во употреба, но сите беа пробивани, сè до денеска кога оваа капитална инвестиција беше без најава пуштена за сообраќај.

Александра Спасевска

Loading...

Shpërndaj me

Loading...